ВИДЕО: Нови информации и снимки од обидот за атентат на Трамп

Пристигнуваат нови информации за обидот за атентат на Доналд Трамп.

Се појави и ново видео на кое се гледа дека Томас Метју Крукс, 20-годишниот кој пукаше кон поранешниот американски претседател, слободно се шета околу местото каде што Трамп го одржа својот говор.

На видеото се гледа како Крукс непречено шета околу зградата еден час пред почетокот на собирот. Инспекторите утврдиле дека Крукс, всушност, бил на митингот неколку часа пред да пука кон Трамп.

 

Се претпоставува дека го извидувал местото на кое се одржувал собирот и го планирал нападот. Муницијата што ја користел во пукањето ја купил само неколку часа пред самиот чин, а купил и скала, која на крајот не му требала бидејќи се качил на покривот на зградата преку клима-уредот.

До местото од кое пукал тој со себе носел мерач за далечина, што ја користат ловците и стрелците за да го измерат растојанието од својата позиција до целта, во неговиот случај до поранешниот претседател на САД.

Си-ен-ен пишува дека со мерачот на далечина поминал низ магнетометрите и така го привлекол вниманието на Тајната служба. Нејзините агенти го следеле сѐ додека не ја напуштил областа што ја набљудувале.

Инспекторите не се сигурни каде отишол кога го напуштил просторот за проверка, но се верува дека застанал покрај својот автомобил за да земе пушка.

Тој се вратил 40 минути пред да ги испука првите истрели, а нешто по 18 часот, зазел позиција на покривот од кој пукал.

Исто така, Си-ен-ен, повикувајќи се на полициски извори, пишува дека 20-годишникот во последните месеци примил неколку пакети означени како опасен материјал на домашна адреса.

До неговото тело на покривот на зградата, каде што беше застрелан од контраснајперски тим, е пронајден понов модел на телефон и сив предавател со 12 копчиња за кој се верува дека бил поврзан со две бомби на далечински управувач во автомобилот на Крукс.

Се претпоставува дека со експлозијата сакал да го одвлече вниманието при пукањето. Во автомобилот била пронајдена дополнителна муниција, дури стотина парчиња. А при претресот на домот во кој живеел пронајдени се панцир, бомба на далечинско управување и 3Д-печатач.

Од новите детали за овој случај се дозна дека неговите родители го барале неколку часа пред обидот за атентат, а потоа поради загриженост, повикале полиција и го пријавиле исчезнувањето.

Повикот во полиција од неговите родители бил упатен неколку часа пред Крукс да пука кон Трамп. Сѐ уште не е познат мотивот, а кој ФБИ се обидува да го расветли, пишува „Фокс њуз“.

Крукс требало да работи тој ден, но му рекол на својот шеф дека му треба слободен ден за да заврши некоја работа. Таткото на Крукс ѝ рекол на полицијата дека е убеден оти неговиот син отишол на стрелиштето со пушка. Мислел дека ќе се врати.

 

18.07.2024 - 16:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега