ВИДЕО: Крмов го предизвика Мицкоски да даде заклетва без ,,Северна"

 
На собраниската седница, пратеникот од Левица, Борислав Крмов, го предизвика мандатарот Христијан Мицкоски да даде заклетва без „Северна“.
 
- Секогаш кога ќе има лоша влада на СДСМ, доаѓа ВМРО и обратно и, за жал, мандатаре, Вам Ви се обраќам, уште во старт ретириравте на неколку полиња! Прво и основно ретериравте кај придавката Северна и рековте дека сега ќе го изговарате, наводно, новото име. Во една емисија рековте дека дури и мандатот ќе го жртвувате - Вие новата придавка не сакавте ни да ја ословите која е, викавте дека нема да ја изговорите, а сега тврдите и сами кажавте дека ќе дадете заклетва со таа придавка. Еве, јас ве повикувам, да не испадне дека го кршите зборот, имате време да си дадете оставка, па да си останете на зборот - истакна пратеникот од Левица, Борислав Крмов, на собраниската седница, обраќајќи се кон Мицкоски.
​​​​
Крмов потсети дека едно од големите ветувања на ДПМНЕ беше дека ДУИ ќе оде во опозиција. 
 
- Го факторизиравте ДУИ. Ветувавте дека ДУИ нема да биде фактор и кога дојдовме за гласање на Законот за организирање на државната управа, кога ви требаше две- третинско мнозинство, седнавте со ДУИ и се договоривте. Следуваат измени и дополнување на Законот за локална самоуправа, исто, закон, којшто се носи со две -третини и за којшто е потребно дури и Бадентерово мнозинство, така што уште повеќе ќе влезете во договор со нив, а бесрамно лажевте пред изборите дека Левица работела со ДУИ! Вие не издржавте ни влада да формирате и веќе ги факторизиравте. Народот не е наивен. Сигурно, не се работи тука за пазарење за некоја комисија во Собранието за правична застапеност и слично. Моја претпоставка е дека ДУИ преговара да си ги спаси своите функционери од прогон. Вие, како викавте, ја споредувавте таа партија со рак - рана, криминално здружение и слично, за сега со нив во прв момент да се здружите уште пред да имате влада. И, еве, мое мислење е дека во тој табор како и до сега нема да има никакви пријави и апсења. Значи, народот да не очекува - објасни Крмов.
Крмов го потенцираше задолжувањето на државата со 1 милијарда евра што уште во старт го планира ДПМНЕ, а истото го најави Мицкоски. 
 
- Тоа, нечесно, не го кажавте пред граѓаните уште пред изборите, затоа што знаете колку се граѓаните осетливи на задолжување. Имено, вашите пратеници секој ден во Собранието скокаа тука, се бунеа за секој земен грант од странство, за секој кредит, додека сега вие, фактички, го правите истото. Јас сметам дека ова ќе биде ново „Скопје 2014-та“, а пола пари од тие ќе отидат за сомнителни тендери! Барем пола пари од тие планирате да ги пумпате во општеството - потенцираше пратеникот Крмов.
 
Според Крмов, ВМРО-ДПМНЕ исто како и СДСМ не нуди некоја радикална промена или вистинска реформа. 
 
- Имаше еден ,,народен" израз во времето на Груевски: „Ок, и овие крадат како претходните, ама барем се гради“. Значи, ќе биде паролата сега, во овој нареден период: „Кради, ама и гради“. 
 
Крмов се надоврза на говорот на претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој на истата собраниска седница   потенцираше дека само два пати новата влада го спомнува зборот работник во Програмата.
 
- Не се видовте со ниеден синдикат, со ниедно работничко здружение. Значи, македонскиот работник ќе остане незаштитен, ќе биде обична стока на пазарот и вие ќе го дадете на тацна и на домашните бизнисмени и на странските бизнисмени. 
 
Во однос на деловите од Програмата што се однесуваат на економијата Крмов стави посебен акцент во своето излагање.
 
- Во мултинационална добивка, на мултинационалните компании на добивка планирате да им го намалите данокот само на 5%, што значи и така тие компании ништо не партиципираат. За илустрација, на пример, само од рудниците, околу 15% од профитот мислам дека останува во државата - значи, вие сега и тоа ќе го намалувате. Значи, ние немаме, апсолутно, никаков ќар. И сега планирате раст од 3-5%. Тоа во ваква економска ситуација е невозможно. Едино може да го пумпате економскиот раст вештачки со таа милијарда евра, на сличен начин како што Груевски вештачки одржуваше економски раст со проектот Скопје 2014 - образложи пратеникот Крмов.
 
Во Програмата е планирана инфлаторна стапка од 2 до 2,5%. 
 
- Тоа, исто така, тешко ќе се изведе, зашто веќе кај нас инфлацијата не зависи од менаџирање на денарот. Инфлацијата е интернационална, зависи од големите валути и ние како увозно зависна држава, апсолутно, нема да имаме никакво влијание таму. Кога идевте во Будимпешта да го преговарате тој еден милјарда евра кредит, сте можеле да разговарате со Виктор Орбан, кој јавно кажа дека Европа веќе се спрема за голема ескалација во Украина, што значи дека тие деструкции на пазарот веќе, најверојатно, ќе се случат. Слично нешто говори претседателот на Србија Вучиќ. Тука јас очекував од вас да видам програма каде што мислите да ја заштитите оваа економија од тие потреси. Тие држави во моментот се наоружуваат, ги полнат амбарите со жито, ги полнат сите резерви со нафта. Вие, напротив, немате ништо такво, него мислите, очекувате розева слика и давате розеви прогнози - појасни Крмов.
 
Во врска со делот од Програмата што се однесува на борбата против корупцијата, Крмов го зеде личниот пример на Мицкоски.
 
- Би почнал со Вас, мандатаре. Вие како директор на ЕЛЕМ имате добиено концесии за државно земјиште и за мали хидроцентрали. Тоа е, де факто, коруптивно однесување. Како човек да очекува дека вие сега од далеку посилна позиција, практично најсилната позиција во државата, нема да правите нешто слично? Понатаму, го имате Златко Пирински, којшто е за локална самоуправа кандидат и којшто беше сменет од в.д. директор за Водовод и канализација за, наводно, нешто дека милионски тендер злоупотребил во Град Скопје. Понатаму, го имате Панче Тошковски, познатиот адвокат на урбаната мафија на кој Вие лично му имате дадено два тендера: еден за 25 000 евра, еден за 143 000 евра за т.н. адвокатски услуги. Понатаму, Цветан Трипуновски за земјоделие, којшто има кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување. Како може да очекуваме ние сега од него одеднаш да нема злоупотреба на службена положба? Понатаму, Орхан Муртезани за европски прашања - директор на МЕПСО и претходно на Македонски железници, којшто вашата партија го нарекуваше паразит, којшто ќе паразитира на македонскиот народ со превисока плата, а македонскиот народ плаќа превисоки сметки за струја и како шлаг на тортата - тој  не ги признава македонските инсигнии, македонските државни симболи и со тоа плука директно на македонската држава и на македонскиот народ - рече Крмов, образложувајќи во делот за борбата против корупцијата. 
 
Исто така, пратеникот Крмов се задржа и на уште неколкумина кадри кои влегуваат во новата влада, а имаат коруптивно минато.
- Тука е Изет Меџити, кој се фалеше дека многу легализирал дивоградби и незаконски ги има променето имињата на училиштата во неговата општина. Вашиот потпретседател излегуваше на пресови и кажуваше како бил купен Арбен Таравари со куќа што вредела 500 000 евра за 150 000 евра и сега тој ќе го ставите министер за здравство. И ќе завршам со Горан Минчев, за јавна администрација, кадар на ЗНАМ, којшто е кум на Бранко Црвенковски и негов соработник. Значи, вие ја проширувате соработката со бранковистите! Сега освен што го факторизирате ДУИ, го факторизирате и Бранко Црвенковски, којшто, е, нели, најомразената фигура во ВМРО-ДПМНЕ, којшто ја спроведе приватизацијата во 90-те години кога Македонија беше фрлена на колена и оттогаш, практично, не можеме да се исправиме! Вие не можете да ја избегнете корупцијата, не можете да ја избегнете злоупотребата на државниот апарат, за да дојдете до поголема финансиска и нелегална добивка, што значи дека вие потекнувате од истиот систем што тука пред македонските граѓани тврдите дека ќе го реформирате. Истиот систем којшто заедно со СДСМ и ДУИ, 30 години го имате градено, што значи дека нужно ќе потфрлите, само треба да ви се даде време.   
   

23.06.2024 - 12:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега