Вечерва метеорски дожд - не заборавајте да си замислите желба
Секоја година помеѓу 14 и 20 ноември, на небото се појавуваат ѕвезди кои паѓаат кои како да извираат од соѕвездието Лав, поради што се нарекуваат Леониди. Годинава ќе го имаат своето крешендо токму вечерва, на 17 ноември!
Станува збор за честички од гас и прашина расфрлани од кометата Темпел-Татл. Секогаш кога ќе се доближи до Сонцето (што се случува еднаш во 33 години или 3 пати во 100 години), кометата е делумно уништена од Сонцето. Се распаѓа и нејзините делови се расфрлаат околу неа. Секоја таква честичка го продолжува својот пат околу Сонцето, некои пред, а некои зад кометата. Многу од нив се протегаат долж орбитата на кометата, создавајќи река од остатоци. Секоја година Земјата минува низ таа река, а остатоците потоа влегуваат во атмосферата на Земјата и се запалуваат. Обично има од 10 до 15 на час.
Леонидите се многу брзи метеори, најбрзи од сите метеорски дождови. Кометата Темпел-Татл се движи ретроградно, спротивно на правецот на движење на Земјата, па нејзините фрагменти го следат истиот пат и во иста насока.
Ова е причината зошто метеороидите речиси директно се судираат со Земјата. Брзината на кометата и нејзините честички е околу 42 km/s, а брзината на Земјата е блиску до 30 km/s, а поради спротивните насоки на движење тие две брзини се собираат и Леонидите летаат во нашата атмосфера со брзина од околу 71 km/s (околу 255.000 километри на час).
Ова е речиси максималната брзина што може да ја развие секое тело во Сончевиот систем. Поради оваа голема брзина, Леонидите силно горат во атмосферата на Земјата и создаваат долга патека која може да остане на небото неколку минути. Нивното согорување е во бели, зеленикави и синкави бои.
Ви посакуваме ведро небо и вечерва најубаво е да заминете некаде на високо и темно место, а притоа како што налага народното верување додека паѓаат метеорите, замислете си и желба која сакате да ви се исполни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа