Ванеса Брајант ќе добие 28.85 милиони долари оштета за споделените фотографии од хеликоптерска несреќа

 

 

Округот Лос Анџелес се согласи да ѝ плати на Ванеса Брајант и на трите нејзини ќерки речиси 30 милиони долари за да го решат судскиот спор и потенцијалните побарувања во врска со споделувањето графички фотографии од хеликоптерската несреќа во јануари 2020 година во која загина нејзиниот сопруг, кошаркарската ѕвезда Коби Брајант и една од нивните ќерки, стои во судскиот документ поднесен во вторникот.

Спогодбата вклучува 15 милиони долари што ѝ ги додели поротата во август, со дополнителни средства за подмирување на потенцијалните побарувања од страна на нејзините ќерки.

„Денеска се одбележува успешната кулминација на храбрата битка на госпоѓа Брајант да ги повика на одговорност оние кои се вклучија во ова гротескно однесување“, се наведува во соопштението на Луис Ли, адвокатот на Брајант.

„Таа се бореше за својот сопруг, својата ќерка и сите оние во заедницата чии починати семејства беа третирано со слично непочитување. Се надеваме дека нејзината победа на судењето и оваа спогодба ќе стави точка на ваквата практика“.

Вдовицата на кошаркарската ѕвезда Коби Брајант, го тужеше округот Лос Анџелес откако некои од вработените споделија графички фотографии од несреќата во која загинаа нејзиниот сопруг и една од нивните ќерки. Таа тврдеше дека живеела во страв дека фотографиите од несреќата ќе се појават на интернет каде што нејзините деца би можеле да ги видат.

На 26 јануари 2020 година, Коби (41) и неговата ќерка Џана (13) беа во хеликоптер со уште седум лица кога се урна во услови на магла надвор од Лос Анџелес. Сите патници загинаа. Набргу потоа, Ванеса Брајант дозна дека некои вработени во пожарникарската служба и шерифовиот оддел споделиле експлицитни фотографии од човечки останки од несреќата.

Одборот на супервизори на округот Лос Анџелес се согласи да му плати на семејството Брајант 28.85 милиони долари за да ја реши тужбата и потенцијалните идни барања на вдовицата и нејзините ќерки.

 

01.03.2023 - 10:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега