Украински функционери: Не Путин, туку неговиот двојник беше во Мариупол

 

Рускиот претседател Владимир Путин викендов дојде во ненадејна посета на окупираните територии на Украина, повторно поттикнувајќи ги теоретичарите на заговори, но и некои украински функционери да шпекулираат дека тој користи двојници.

Критичарите укажуваат на дел од неговото тело за да ги докажат своите наводни тврдења – неговите уши и подбрадокот.

Петро Андриушченко, советник на градоначалникот на Мариупол, украинскиот град што Путин го посети, на „Телеграм“ напиша дека „Путин или еден од неговите двојници“ бил во ноќна посета на окупираниот регион.

Иако заговорот може да звучи лудо, понекогаш се користат политички двојници на меѓународната сцена.

Антон Герашченко, украински функционер, сподели фотографии на кои ги посочи наводните разлики во брадата на Путин направена во Москва и Путин во Мариупол.

„Што мислите, кој е вистинскиот?“, праша тој преку „Твитер“.

Претходно, во интервју за „Дејли мејл“, шефот на воената разузнавачка служба на Украина, генерал-мајор Кирил Буданов, објави дека рускиот претседател користи тим од двојници. Двојниците, рече Буданов, и порано го менувале Путин, само во посебни пригоди, но по инвазијата на Украина, тие наводно станале вообичаена практика.

„Знаеме конкретно за три двојки, но не знаеме колку се вкупно“, рече Буданов во интервјуто во ноември.

„Сите направија пластична операција за што повеќе да личат на него. Една од работите што ги поврзува е нивната висина. Тоа е видливо на снимките и фотографиите. Но, говорот на телото и ушите е нешто што е уникатно за секој човек“, рече тој.

Корисниците на „Твитер“ гласно шпекулираат дека двојникот на Путин отишол во Украина фокусирајќи се и споредувајќи го обликот на неговото уво, како и неговата брада, со фотографии од 2006 и 2018 година.

Тврдењата на Буданов за употребата на двојници не може да се потврдат, но користењето на ушите во контекст на единствениот човечки отпечаток се практикува со децении.

Од 50-тите форензичарите користеа мерења на ушите за да ги идентификуваат осомничените, а во ерата на дигиталните алгоритми угледниот Wired еднаш објави дека софтверот што ги идентификува луѓето по нивните уши може да биде поефективен идентификатор од, да речеме, отпечатоците од прсти.

Во 2018 година „Интернешнл бизнис-тајмс“ идејата дека Путин користи двојници ја нарече „една од најчестите теории на заговор“ – но скептиците не се убедени.

20.03.2023 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега