УХМР: Февруари бил екстремно сув месец

 

Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Република Северна Македонија, месец февруари годинава се карактеризира како екстремно до многу топол и сув месец во споредба со многугодишните просечни вредности, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Според УХМР, месечната температура се движела од 2,4 целзиусови степени во Лазарополе до 9,7 во Гевгелија. Споредено со просечните февруарски средномесечни температури, за триестгодишен период (1991-2020), овогодинешната била 3,9 степени над просечната на ниво на држава.

-Највисоката максимална температура беше измерена на 6 февруари во Гевгелија и изнесуваше 22,9 целзиусови степени. Забележени се високи максимални температури во текот на целиот месец, а и продор на топлотен бран на целата територија на државата исто во текот на речиси целиот месец. Забележени се минимални температури под нулата во првите две декади од месецот, потоа минималните температури се над нулата. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Берово, на 1 февруари и изнесуваше -11,0 степени, се вели во соопштението од УХМР.

Во февруари годинава месечната сума на врнежи во државата изнесувала од 6,8 мм во Скопје Зајчев Рид до 33,5 мм во Крива Паланка. Врнежите биле од дожд и снег на планините. Максимално дневно количество на врнежи од дожд 27,3 мм било регистрирано во Крива Паланка на 12-ти во месецот. На Попова Шапка на 11 февруари беше измерена највисока снежна покривка од 37 см.

Како што наведуваат од УХМР, споредено со февруарската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи била 30 мм или 63 проценти под просечната на ниво на држава.

05.03.2024 - 21:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега