Трипуновски: Откупени се 24 милиони килограми тутун, цената ќе достигне 500 денари за кг

 


Досега се откупени 24 милиони килограми тутун, а просечната цена е 399,87 денари, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

По средбата со земјоделците во Битола, Трипуновски, одговорајќи на новинарски прашања, истакна дека е задоволен од откупот, како и дека веднаш по завршувањето на законскиот рок за преземање на количините треба да почне подготовката за следната реколта.

-Наближуваме до крајот на законскиот рок за откуп на тутунот. Досега се откупени 24 милиони килограми, а просечната цена е 399,87 денари или речиси 400 денари, а со субвенцијата што ќе ја исплатиме ќе заокружиме 500 денари. Она што е откупено и исплатено е речиси 98 проценти. По завршување на откупниот рок ќе се исплтат субвенциите. Задоволен сум како течеше откупот и мислам дека веднаш по неговото завршување ќе треба да се подготвуваме за идната сезона, нагласи министерот.

Тој изрази надеж и очекува, како што нагласи, земјоделците да ги користат субвенциите за зголемување и унапредување на производството. Потсети и дека Владата минатата година најпрво ги исплаќала заостанатите долгови, а годинава предвидува реформа во овој сегмент. Засилени ќе бидат, најави Трипуновски, и инспекциските контроли.

-За една година не можеме да направиме радикален рез во субвенционирањето, годинава почнуваме реформа во овој сегмент, но ќе продолжиме и во 2026 година. Парите штп ги даваме како држава терба да имаат сериозен ефект во делот не само на враќање на производствцото, туку и на негово поттикнување да оди во нагорна линија, за домашна употреба или за извоз. Очекувам земјоделците да ги употребат субвенциите за производство и за обнова, за вистинската намена за која ги добиле. Убеден сум дека вистинските земјоделци ги користат за таква намена. Со сите контроли кои годинава ќе бидат засилени, ќе ги елиминираме сите злоупотреби. Лани откривме многу корисници на субвенции кои не се вистински земјоделци, годинава Инспекторатот за земјоделство ќе го ставиме на располагање на Платежната агеција со што ќе се зголеми бројот на контроли. Парите мора да завршуваат кај вистинските земјоделци, подвлече Трипуновски. 

Топј упати и порака до раководителите на сите подрачни единици, дека политиките на Министерството мора да стигнат до секој земјоделец. 

13.02.2025 - 15:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега