Трипуновски: Итно прогласување кризна состојба за да се спречи ширењето на Африканската чума

 

Состојбата со африканска чума кај свињите станува се по драматична. Од ден на ден болеста галопира во внатрешноста на државата загрозувајќи ги стотиците милиони евра вложени инвестиции во свињарскиот сектор. На почетокот на годината болеста беше регистрирана во пограничниот регион на Општина Делчево, денес истата е регистрирана во Општините Македонска Каменица, Виница, Кочани, Чешино – Облешево, со силна тенденција на ширење и во останатите делови на Македонија. Ова е само поради тоа што власта не реагираше на време со соодветни мерки за спречување на влез и ширење на болеста, изјави на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство ја покажува неспособноста, нефункционалноста и негрижата кон овој сектор во Македонија. Наместо итна реакција, власта формираше координативно тело за справување со болеста, без притоа да ја информира јавноста кои мерки ги донесе ова тело и уште поважно, дали се имплементираат на терен.

Додека свињарскиот сектор е под сериозна закана, додека е можна загуба на стотици илјади евра, додека болеста галопира, министерот Љупчо Николовски од партиските активности во Маврово Ростуше, директно замина на службено патување во Словенија, немајќи слух за проблемите на граѓаните на кои единствена егзистенција им е токму одгледување на свињи.

Поради фактот дека власт не знае како да се справи со ова, не е способна да предложи мерки, ние како ВМРО-ДПМНЕ бараме до владата во најкус временски рок да донесе одлука за прогласување на кризна состојба поради епидемија на заразната болест Африканска чума кај свињите поради неспособноста на директорот и менаџментот на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според Трипуновски оваа одлука ќе овозможи, активирање и насочување на сите материјално-технички ресурси во спречување и ограничување на ширење болеста и намалување на штетите кои ќе бидат од огромни размери.

Воедно јавно ве предупредуваме, доколку не се донесе оваа одлука, прашање на време е, кога за жал ќе бидат зафатени поголеми свињарски капацитети што ќе однесат милионски штети на и онака разнишаниот свињарски сектор во Македонија, изјави Трипуновски.

18.08.2022 - 12:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега