Трактори и камиони ја блокираа Германија, протести поради мерките за штедење
Германски земјоделци, возачи на камиони и вработени во железницата ги блокираат патиштата низ земјата поради најавените владини мерки за штедење. Администрацијата на Олаф Шолац планираше укинување на субвенциите за гориво, намалување на платите и повисоки патарини.
Полицијата извести за блокади во речиси сите сојузни покраини, а земјоделците најавија „недела на демонстрации“ и „најголеми протести“ во историјата на Германија. Поддршка најавија и делови од здравствениот сектор.
Германските земјоделци ги блокираа влезовите на автопатиштата низ земјата на првиот ден од најавениот седумдневен протест поради владините планови за постепено укинување на земјоделските субвенции за гориво, воведување повисоки патарини и намалување на платите, како дел од најавеното усогласување на федералниот буџет јавуваат тамошните медиуми.
На протестите на земјоделците се приклучуваат и камионџии и вработени во железницата, а планот е да се парализира сообраќајот.
Германскиот Национален завод за ревизија истакна дека „Дојче бан“ – државниот железнички оператор – е во постојана криза, со долгови кои надминуваат 30 милијарди евра.
Доцнењата во сообраќајот се на најниско ниво во последните осум години.
Илјадници трактори се очекуваат на патиштата, а германските земјоделци протестот го опишуваат како најголем во историјата на Германија и акција каква што досега не била видена.
Во Рајнланд-Пфалц блокирани се автопатиштата околу Мајнц, а се очекува во Алчај да се соберат голем број трактори и оттаму да се упатат кон Мајнц, пишува германски „Шпигел“.
Колони трактори предизвикаа прекин на сообраќајот во сојузната држава Сар, особено на северот на покраината, а во Северна Рајна-Вестфалија полицијата затвори раскрсница на патиштата поради прекини во сообраќајот.
Хамбург однапред предупреди за сообраќаен хаос.
Во Берлин во тек е протест пред Бранденбуршката порта, а протести се одржуваат и во Келн.
Земјоделците најавија дека ќе ги блокираат главните транспортни и логистички рути до понеделник следната недела и предупредија дека укинувањето на даночните олеснувања ќе ги остави фармите без работа, пренесува Ројтерс.
Надлежните ги повикаа граѓаните денеска повеќе да користат железнички превоз и да се откажат од возењето, а работодавачите им порачаа на вработените да работат од дома каде што е можно, додека училиштата ќе го оправдуваат отсуството на децата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа