Таравари ја поздрави одлуката на Бајден: Ние се придржуваме до меѓународните договори, нека размислат оние коишто имаат проблем
Министерот за здравство Арбен Таравари од владејачката „Вреди“ вели дека како Влада ја поддржуваат одлуката на американскиот претседател Џо Бајден за проширување на категориите на лица oд земјите од Западен Балкан кои подлежат на санкциите на Соединетите Американски Држави.
„Имаше практично најава дека ќе има поригорозни мерки од претседателот на САД, Џо Бајден, за тие коишто злоупотребуваат и не почитуваат одредени меѓународни спогодби, особено за Западен Балкан. Ние го поздравуваме ова и мислам дека како Влада се придржуваме максимално кон сите тие меѓународни договори. Нека размислат оние коишто имаат проблем“, изјави Таравари одговарајќи на новинарски прашања.
На помалку од две недели до формалното завршување на својот мандат, американскиот претседател Џо Бајден донесе уредба со која се прошируваат категориите на лица кои подлежат на санкциите на САД поради обиди за оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан, обиди за поткопување на повоените договори и институции, како и учество во значителна корупција.
Меѓу новитетите донесени со уредбата се дека санкциите ќе ги опфатат и сопружниците и возрасните деца на санкционираните лица, лидерите или членовите – владини или деловни – на санкционирани субјекти, како и оние под чија контрола се санкционираните лица или субјекти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа