СЗО: Израел и Хамас договорија три паузи за вакцинирање на децата во Газа
Израелската армија и палестинската милитантна група Хамас се договорија за три одделни тридневни паузи во борбите во различни делови на Појасот Газа за да дозволат околу 640.000 деца да бидат вакцинирани против детска парализа, изјави Рик Пајперкорн, највисок претставник на Светската здравствена организација за регион.
Тој истакна дека кампањата ќе започне во централниот дел на Појасот Газа со тридневна пауза во борбите, по што ќе следат уште две тридневни паузи на југ и север од енклавата.
Пајперкорн додаде дека постои договор за продолжување на хуманитарната пауза во секоја зона на четврти ден доколку е потребно, пренесува Ројтерс.
На 23 август, СЗО потврди дека најмалку едно бебе било парализирано од вирусот на полио тип 2, што е прв таков случај на палестинска територија во последните 25 години.
Хуманитарната единица на израелската армија (COGAT) во средата соопшти дека кампањата за вакцинација ќе се спроведе во координација со израелската армија „како дел од рутинските хуманитарни паузи кои ќе му овозможат на населението да стигне до медицинските центри каде што ќе се вакцинираат“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа