Суштината на позицијата на здравствениот систем –кратка анализа на актуелната состојба, визиите и перспективите
Здравството е сегмент од општеството, кој со години е во пад; се чини за повеќето од нас дека дното е веќе допрено и доколку не се интервенира веднаш и плански, сѐ повеќе сериозните проблеми ќе стануваат многу брзо видливи и во јавноста ќе се појават со магнитуда на скандали. Наследуваме руина од систем, дотраена и несоодветна инфраструктура, сериозен дефицит на кадар, и можеби најважно од сѐ – немотивирани и максимално истрошени чесни здравствени работници и незадоволни пациенти.
Односот на пациентот и медицинскиот персонал е максимално еродиран, што поради континуираниот напад и негативната кампања од страна на новинарите, популистичкиот пристап на одговорните институции што континуирано со прст го посочуваат здравстениот работник и секако фрустрацијата што од нефункционалноста и неефикасноста на системот ја чувствуваат пациентите, но и оние што за нив треба да се грижат.
За депресијата и нервозата во нашето општество може да се дискутира и анализира со денови; факт е дека секој од нас е во состојба на преживување. Кога луѓето се борат да преживеат во апсурдно милје, страда емпатијата и човечноста. Во културата на модерно живеење сѐ повеќе се обрнува внимание на менталното здравје и менталната хигиена. Во тој контекст, особено после пандемијата станаа многу јасни ефектите на „burn out“ синдромот, како врз индивидуата, така и врз здравствените институции во кои што истата практикува. Интересни и вредни за споменување се „empathy fatigue and compassion burn out“. Во својата суштина подразбираат дека психолошката преоптеретеност на здравствениот работник во подолг период и во несоодветни услови имаат неповолно влијание на неговата способност трпеливо и рационално да рассудува, влијае на стандардот на нега, интерперсоналните односи со колегите, но и се катастрофални по неговото физичко и ментално здравје.
Значењето на Клиничкиот центар: срце и Ахилова тетива
Клиничкиот центар Мајка Тереза е срцето на здравствениот систем во Македонија, но истовремено е и неговата Ахилова тетива. Неговиот колапс ја повлекува како во жив песок, брзо и неповратно, целата мрежа на здравствени институции во нашата држава. Најсоодветен пример за тоа е новонастанатата состојба со дефектот поврзан со компримираниот воздух и доводот на медицински гасови, кој што предизвика хаварија во целиот здравствен систем.
Алката на нефункционалност која се разоткри со дефектот е резултат на апсолутно немање на план за реорганизирање на работата на целиот систем и немање на капацитети за згрижување на пациентите.
Здравстениот систем мора да се постави на цврст темел, мора да се реконструира и реформира на начин кој што ќе биде спремен да ги поднесе и амортизира можните технички проблеми како и други помасовни проблеми од областа на здравството (како на пример пандемија или пак елементарни непогоди).
Клиничкиот центар кој што треба да обавува дејност на највисоко специјализирано, супспецијалистичко ниво, во актуелните околности е оптоварен со прилив на пациенти кои се препраќаат од матичните лекари, од секундарните здравствени центри како и од клиничките болници од внатрешноста. Нерационалното препраќање е резултат на пред сѐ немање јасни насоки и протоколи за селекција, недостаток на кадар и услови во тие центри, а секако и по желба на пациентите која често пати е каприциозна, а не реална потреба.
Улогата на Министерството за здравство: заштитник или уценувач на здравствените работници?
Во изминатиот период Министерството за здравство функционира како институција која буквално наметнува задачи на здравствените институции кои што на терен се неисполниви. Фидбекот, кој повратно се испраќа од институциите до Министерството е честопати не само игнориран, туку и остро критикуван. Здравствените работници не се чувствуваат ниту разбрани, а уште помалку заштитени со политиките на Министерството. Еден најбанален пример од секојдневната пракса се разни барања за испраќање на податоци (кои самото Министерство може да ги екстрахира од системот „Мој Термин“). Барањата се испраќаат во писмена форма на крајот од работниот ден, со назнака податоците да бидат испратени во тек на наредниот ден (инаку најчесто за здравствените институции тоа значи работа и ангажман од најмалку неколку дена или недели). Понатаму, наредби за спроведување на одлуки, без да се анализира дали за истите постојат услови и слично. Директорите во најголем број од случаите како назначени од Министерот, со чест на исклучоците, наместо да ја искомуницираат состојбата на терен и да се обидат да најдат заедничко решение, одбираат да бидат послушници.
„ФАКТОРИЗАЦИЈА“: Немање мерит систем, убиството на ентузијазмот
„Факторизација“ е термин кој што го воведе во колоквијалниот говор меѓу хирурзите еден од професорите на Катедрата по хирургија. Имено, сакајќи да му даде кусо име на феномен кој што се појави во сите пори на здравстевниот систем, во кој што некомпетентни или помалку компетентни индивидуи доаѓаа на менаџерска позиција од лукративни причини. Нивната „факторизација“ подразбира дека она што со својата стручност не може да го постигнат, го постигнуваат од позиција на наметнат авторитет. Фаворизирајќи подредени во хиерархијата за да го изработуваат нивниот стручен дел, преземајќи си ја заслугата за тоа, наметнувајќи сопствени агенди, немајќи слух за реалните стручни проблеми кои што се артикулираат од страна на покомпетентните, кои што со години се туркаат на маргинити. Земајќи го предвид претходно изложеното, не постои интелектуален предизвик ниту дискусија, постои демотивираност и резигнираност на оние кои што имаат идеи и може реално да допринесат за подобрување на квалитетот на услугите како и функционалноста на системот.
Поставувањето на стручни, чесни луѓе на раководни позиции би имало сериозен импакт на враќањето на ентузијазмот, анимирањето на здравствениот персонал, враќање на фер стандарди и правила на ЕДНАКВОСТ, како во однос на правата, така и во однос одговорностите на сите индивидуи во системот. Прогресот може да го поведат само луѓе кои што исчекорат од личниот интерес во име на заедничкото добро.
Реанимација на Клиничкиот центар и системот по принципот „Damage control“
„Damage control“ e концепт во современата трауматологија кој што се користи во третманот на политрауматизирани пациенти. Потекнува од време на Првата светска војна и морнарицата на САД, и подразбира итни интервенции и постапки за поправка на оштетен брод под закана дека ќе потоне.
Постапките не се дефинитивни, туку имаат задача да го одржат бродот во функција без да потоне пред да ја исполни својата мисија. Стратегијата усвоена во медицинската пракса подразбира третман во неколку фази: брза и ефективна контрола на животнозагрозувачката крвозагуба и контаминација, после која што следи фазата на поспецифична реанимација и контрола на повредите, па конечно фаза на дефинитивен менаџмент. Овој стратегиски пристап може да се примени и во реанимација на Клиничкиот центар.
I. Фаза: „Damage Control“
Во случајот на Клиничкиот центар, во обзир би дошле брзи и едноставни интервенции за кои што нема да бидат потребни огромни сретства, а ќе бидат видливи веднаш.
Примери:
1. Чистење на сите зелени површини во Клиничкиот кампус;
2. Поставување на корпи за отпадоци и клупи (во моментот најмногу ѓубре има на зелената површина кај паркингот кај Инфективна Клиника);
3. Обезбедување на соодветни санитарни јазли во чекалните каде што ги нема (пример на хирургија поради катастрофалната состојба на истите, возрасни пациенти уринираат во чекалната на амбулантата на детска хирургија, каде што чекаат деца);
4. Отстранување на глутницата кучиња која што со години е присутна во кампусот и постојано напаѓа здравствени работници (особено навечер кога сами одат од една до друга Клиника да обавуваат конзилијарни прегледи), пациенти и посетители;
5. Анимирање и ангажирање на персоналот од досегашните заеднички служби да дава соодветни информации за насока на движење на пациентите;
6. Сериозна контрола на протокот на пациенти низ Клиниките во смисол на правилно насочување, пример недозволување секој да влегува во лифтот за транспорт на пациенти во операциона сала;
7. Обезбедување на функционалност на лифтовите и нивно чистење;
8. Распоред и план на чистење на ходниците како и контрола на времето во кое што се фрла болничкиот отпад;
9. Контрола на циркулацијата на возила низ паркингот на Клиничкиот центар;
10. Расчистување на патеките по кои треба да се транспортираат пациентите од една до друга Клиника;
11. Подобрување на пристапот до Клиниките особено за највулнерабилните категории на пациенти (пример зимно време константно заледена и непристапна блокирана, единствената патека што води до Клиника за гинекологија и акушерство и Клиника за онкологија)
II. Фаза на специфично санирање
Поспецифичното репарирање на здравствениот систем и пред се Клиничкиот центар мора да се основа на темелни, мултидисциплинарни анализи по однос на неколку клучни сегменти: кадар, стручно напредување, поврзаност на институциите, соодветна инфраструктура, подобрување на имиџот на докторскиот еснаф и односот со пациентите.
Кадар
Да се направи анализа и да се надоместат најнеопходните дефицитарни кадри, повеќето од нив во моментот би биле од средниот и техничкиот персонал (медицински сестри, болничари, хигиеничари). Состојбата со хигиеничари на пример во рамките на Клиничкиот центар е благо речено очајна, до тој степен што не може да се обезбеди минимално достоинствено ниво на хигиена.
Стручно издигнување
Секоја Клиника мора да се потруди да направи план за напредок, визија и мисија. Целите треба да бидат јасно дефинирани, краткорочни и долгорочни. Потребите за стручно напредување и усовршување мора да произлезат од самите Клиники. Секоја Клиника треба да има визија по однос на тоа кој кадар ќе се едуцира и како ќе се едуцира, преку кои програми и во кои центри. Неопходна е и итна изработка на јасни стручни протоколи за работа и поставување на универзални стандарди. Од ова понатаму би произлегле и чекорите кои што треба да се исполнат за акредитација на институциите.
Дуплирање на медицинското знаење
Модерната медицина, ја нарекуваме и медицина базирана на докази. Македонија како мала земја, треба одговорно да ги следи трендовите во медицината. Да се биде во тек со медицинските достигнувања во услови на неверојатни скокови во технолошкиот напредок и во ерата на вештачка интелигенција, за нашите доктори е екстремно тешко. Како за илустрација според студијата на Петар Денсен од Институтот во Ајова, во 1950 година времето на дуплирање на медицинското знаење било 50 години, во 1980 – 7 години; во 2010 – 3.5 години, а во 2020 – 73 дена. Се чини дури невозможно за следење. А, од македонскиот доктор се бара да пружа највисоко ниво и стандард на третман во услови во кои што истото е невозможно. Потребата за континуирана едукација повеќекратно ги надминува капацитетите на медицинските факултети во нашата татковина.
Менторства и соработки „сестрински центри“
Врз основа на повеќе позитивни искуства на некои од Клиниките каде што постојат програми за соработка и едукација, може да се заклучи дека постои потреба од соработка со центри надвор од земјата, со кои што ќе се овозможат билатерални престои како на странските ментори, така и на домашните доктори и сестри во странските центри. Гостувањето на странските ментори овозможува директно учество на докторите во интервенциите и едукација, од една страна, а од друга страна се покажа дека сретствата што би се потрошиле за еден пациент да се испрати во странство се повеќекратно поголеми од годишната сума што клиниките ја потрошиле за исплаќање на менторите гости. Ваквите долгогодишни соработки на клиниките им овозможија простор за секојдневна соработка и асистенција на буквално дневно ниво од страна на менторите. Оваа убава пракса не смее да се прекине туку треба да се продлабочи и охрабри. Секој што во денешно време вели дека знае се, или во хирургијата работи се, е едноставно нереален и некритичен. Особено ако се земе предвид претходно наведениот факт за дуплирањето на медицинското знаење.
Логично е дека во земјите со поголеми буџети и подобри услови развојот и напредокот се многу побрзи. Ние можеби не можеме сами да го постигнеме, но можеме да го искористиме нивниот напредок во наша полза. Во овој контекст важно е да се каже дека соработниците и центрите мора да бидат избрани од страна на самите Клиники. Докторите учествуваат и членуваат во разни здруженија од соодветната специјалност и знаат кои се центрите со кои што за одредена патологија или совладување на одредена процедура е најсоодветно и најлесно да се соработува. Секое наметнување и избор од страна на Министер или било кој што не ја работи конкретната област е несериозно и секогаш наидува на отпор и револт кај здравствените работници. Исто така и праксата за нереални обврзувања е неприфатлива во денешно време. Поради тие политики одливот на специјалистичкиот кадар е застрашувачки голем.
Контакти за престои во странство може и да бидат посредувани преку амбасадите на земји каде што постојат центри за едукација од интерес, со што исто така би се продлабочиле во еден поширок смисол конекциите на нашата држава со светот.
Нашите во странство
Постојат многу македонски доктори кои што се исклучително стручни и успешни во областите во кои што работат. Базирано на досегашните контакти со нив се волни и спремни да помогнат со ствојата стручност и влијание, на тукашните колеги и на татковината. Се работи за доктори на науки кои што обавуваат активна истражувачка работа во сериозни центри како на пример болницата Каролинска во Шведска, како и клиничари кои што до сега се нуделе да помогнат со изнаоѓање начини да посредуваат за престои на наши доктори во странство како и донации на опрема. Овие контакти и нивната подадена рака треба да се искористат.
Инфраструктура
Техничка анализа на разгледување на проблемот со редовно одржување на постоечките медицински апарати. Обезбедување на соодветно одржување што ќе има за задача да ги превенира техничките кварови. За почеток обезбедување на елементарни услови како топла вода која што најчесто ја нема во тоалетите за болни.
Во однос на опремата која што се користи потребна е анализа на сето она што е застарено и нефункционално, како и набавка на апаратури без кои што модерните здравствени системи буквално не можат да функционираат.
Неколку идеи по однос на ресусрси на тема опрема се набавка на опрема преку донации од други држави преку олеснување на бирократските процедури за тоа; организирање на настани од типот на донаторски балови со точна и прецизна намена на сретствата како и транспарентен отчет во однос на набавеното.
По разделувањето на Клиниките, останаа во интерес на сите засебни Клиники да функционираат Заедничките служби и КАРИЛ. Ова беше извор за многу потешкотии, особено во однос на заедничките служби каде што соработката со одговорните лица беше речиси невозможна. Обезбедувањето е оскудно и често не е присутно каде што треба, чистењето на заедничките простории е очајно, а за техничкото одржување се чини дека никој не знае како се извршува. Неопходни се итни и сериозни мерки за корекција на функционалноста на оваа служба.
Во однос на КАРИЛ, преоптеретеноста е преголема. Се работи за единица за Интензивно лекување наменета за Хируршките клиники, но со оглед на тоа што не постои единица за Интензивно лекување на Интернистичките клиники често пати капацитетите се преполнети и со интернистички пациенти. Во однос на инфраструктурата, екипирање на единица за интензивно лекување при Интернистичките клиники значително би го намалило товарот на КАРИЛ.
Соодветна комуникација и поврзаност, растоварување на терциерното ниво за поквалитетна услуга
Во ерата на дигиталната комуникација, речиси несфатливо е комуникацијата на интерклиничко и интерболничко ниво да се одвива само преку „упат“. Во наскор можен рок да се направи листа на контакт телефони на сите дежурни служби која што ќе се дистрибуира на Клиниките и во внатрешноста.
За подобра комуникација со внатрешноста системот Мој Термин може да се адаптира за да може да се праќаат итни пораки до матичните лекари и сите останати институции што упатуваат кон Клинчки (пример во услови на квар на рентген апарат пациентите место да се упатуваат до нас, па потоа да се преупатуваат во друга институција, веднаш да се упатат онаму каде што соодветната потребна услуга ќе се обезбеди).
Со цел Клиничкиот центар вистински да ја обавува својата улога на терциерен центар, мора преку координативни состаноци да се изработи рута на упатување од пониските единици на здравствената пирамида. Праќањето на пациент на Клиника да се направи со претходна најава. Една од можните корисни работи би била поврзување преку дигитален систем со кој што може радиолошките иследувања направени во друга институција да се гледаат директно на Клиника, на тој начин дежурната екипа ќе може посоодветно да се подготви за пациентот кој што се испраќа на терциерно ниво. По моделот на други држави во странство, специјалистите од терциерно ниво мора прво да одобрат упатување на пациент на терциерно ниво. Растоварувањето на системот од непотребни, често пати банални прегледи што може да се извршат на секундарно и примарно ниво, би го зголемило повеќекратно квалитетот на грижа за пациентите на кои што тоа навистина е потребно.
Стимулација на активности од страна на Клиниките кои што ќе го подобрат односот пациент-лекар
Растоварувањето на фрекфенцијата, воведување на ред со помош на јасни назнаки и насоки, присуство на редари, како и придржување на редот што ќе се воспостави од страна на целиот медицински персонал во прво време треба да е доволен за да пациентите стекнат доверба дека влегуваат во институција во која што “се знае што се прави”.
Изработка на web страна што ќе овозможи полесно информирање на пациентите во однос науслугите и интервенциите. Достапни упатства во дигитална форма; поддршка во форма на прашања и одговори; насоки како да се закаже термин; и бројни други бенефити по моделот на светските болници.
Водење на позитивна кампања и информирање за успешните случувања во здравството без лажен Пи-Ар
Организирање на зеднички настани и поблиска соработка со Здруженијата на пациенти.
III. Фаза – Дефинитивен менаџмент: Нов Клинички центар
Иако во моментот е можеби од повеќе причини најнепопуларна опција, секако дека и од здравствениот персонал и од пациентите е најпосакувана. Колку и да се репарираат актуелните капацитети тие ниту во моментот ниту во иднина нема да можат да ги задоволат потребите на растечките предизвици за здравствениот систем.
Потребна е пристапност и соодветен паркинг.
Потребни се топли ходници преку кои што сите клиники ќе бидат поврзани.
Потребни се пристапни патеки за лица со попреченост.
Потребни се зелени површини и место каде што роднините кои што чекаат информација, пациент после интервенција или родилка на пораѓај, ќе може да седнат во кантина на пример.
Потребни се повеќе лифтови.
Потребен е систем на безбедна достава на храна.
Потребна е топла вода.
Потребни се повеќе од 4 санитарни јазли на еден оддел.
Потребни се болнички соби кои што ќе може да акомодираат придружба особено на оддели каде што лежат деца, родилки, онколошки и терминални болни.
Потребни се уште многу нешта надвор од рамките на овој текст… но, сите овие потребни нешта се минимум за достоинството на нашите пациенти како и за здравствените работници.
Овој текст ги пресликува разговорите на чесни и вредни здравствени работници, размислувања кои сме ги споделувале меѓу себе. Суштина за секој лекар е да открие од што боледува пациентот, за да може правилно да го лекува. Суштина за секој еден со амбиција да го менаџира здравствениот систем е да ја познава вистинската природа на проблемите; оние видливите со око, како и оние проблеми кои што имаат корени во слоевите на наталожената нефункционалност и неажурност.
Автор: доктор Иво Доневски, субспецијалист-трауматолог на Клиника за трауматологија за Нетпрес
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа