Сушата во Грција откри потонато село
Урнатини од куќи на селото Калиja во централна Грција, до неодамна потопени во вештачко езеро, повторно се појавија за време на силна суша поради падот на нивото на езерото, главниот резервоар со вода за Атина.
Во вештачкото езеро Морнос, на 200 километри западно од главниот град, во последните месеци има 30 отсто помалку вода во споредба со лани, покажуваат податоците на водоводното претпријатие ЕЈДАП.
Оние кои живеат покрај езерото можат само да гледаат што се случува. Така, Јоргос Јосифидис, пензионер кој живее над поранешното село Калија, изјави дека нивото на Морноското Езеро паднало за 40 метри.
Како и повеќето локални жители, шеесетгодишниот маж морал да ја напушти својата куќа на крајот на 1970-тите кога била изградена браната што го создала езерото Морнос.
Речиси 80 куќи од селото, црква, основно училиште беа потопени за да се обезбеди водоснабдување за Атина.
Денеска поради падот на нивото на езерото кое го исполнуваат блиските реки Морнос и Евинос повторно се појавија урнатини од куќи.
„Се гледа и приземјето што остана од двокатницата на свекор ми, а до него е куќата на моите роднини“, вели Јосифидис.
Годинава се влоши сушата во Грција, по најблагата зима забележана досега во Грција, во јуни и јули беа срушени топлинските рекорди.
Селото вторпат се појавува, а првиот пат беше за време на сушата на почетокот на 90-тите години, се сеќава Јосифидис.
„Ако наскоро не врне дожд, нивото на водата ќе се намали уште повеќе и проблемот ќе биде посериозен од тогаш“, додаде тој.
Анастис Папагеоргиу, 26-годишен лекар кој живее во Амигдалија, село веднаш до Морнос, се сеќава дека во последните две години имало малку дожд и снег на блиските планини кои ги хранат реките.
„Ситуацијата е тешка, водата треба внимателно да се користи“, рече тој.
Поради ризикот од недостиг на вода, грчките власти ги повикаа 3,7 милиони жители на Атика, регионот околу Атина и дом на една третина од грчкото население, внимателно да ја следат потрошувачката на вода.
Не се воведени ограничувања, но повиците за умереност се секојдневно во медиумите и на социјалните мрежи.
Се повикуваат луѓето да не полнат кади и да ја исклучуваат славината додека ги мијат забите.
Со цел зајакнување на мрежата за снабдување, компанијата ЕИДАП одлучи да активира дополнителни извори во близина на главниот град.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис советуваше подобро управување со водите: „Не можеме да си дозволиме да ја трошиме водата како што правевме досега“, рече тој во понеделникот во централниот регион на Тесалија, кој сè уште се опоравува од последиците од поплавите во 2023 година.
„Во време кога со сигурност знаеме дека ќе имаме помалку вода, водните ресурси треба да ги заштитиме пометодично од порано“, рече тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа