Сѐ е подготвено за формирање нови министерства - Мицкоски го поднесе предлог-законот во собранието
Идниот мандатар за состав на новата Влада и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од позиција на пратеник поднесе предлог-закон со кој се формираат нови министерства, дел се реорганизираат, а дел преземаат надлежности од веќе постоечки.
Според него, Законот ќе помогне за подобро функционирање на државната управа. Мицкоски очекува в петок да се најде на седница на Собранието, а веќе до идниот вторник да биде изгласан.
„Поднесувам предлог на Закон за измена на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ја барам поддршката на сите пратеници, без разлика на партиите. А легитимитетот го темелам врз основа на изборните резултати на ВМРО-ДПМНЕ и професорката Сиљановска-Давкова. Легитимитетот е јасен, кредибилитетот и легалитетот исто. Ова беше изборно ветување, идентично на она дека идната Влада, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прави со опозициските партии, а денес се дел од владиното мнозинство“, рече Мицкоски.
Тој објасни што опфаќа законот.
„Со овој закон се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број на министерства во Владата и тоа со Министерството за економија и труд кое ќе биде министерство кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите на старото Министерство за економија и ќе му се додаде „труд“ за работодавачите да можат на едно место да ги реализираат своите обврски, дијалог итн. Агенцијата за млади и спорт нема да постои туку ќе има Министерство за труд. Надлежностите за рударството и енергетиката ќе бидат во надлежност на Министерството за рударство, енергетика и минерални суровини. Министерството за култура ќе стане Министерство за култура и туризам. Новоформирано Министерството за дигитализација ќе ги наследи надлежностите на досегашното Министерство за информатика, а ќе има и ново Министерство за администрација“, рече Мицкоски.
Тој смета дека вака ќе се добие подобрување на животот и стандардот на граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа