Сириската влада одобри испорака на хуманитарна помош преку линијата на фронтот од 12-годишната војна
Сириската Влада одобри испорака на хуманитарна помош до областите кои не се под нејзина контрола, според државните медиуми. Хуманитарната помош е неопходна за населението во регионите кои во понеделникот беа погодени од разорен земјотрес. Помошта, наводно, наскоро ќе пристигне во регионите под контрола на бунтовниците, со помош на Обединетите нации, сириската Црвена полумесечина и Меѓународниот Црвен крст, јави Скај Њуз.
Дамаск, исто така, ги именуваше областите најтешко погодени од катастрофата: Латакија, Хама, Алепо и Идлиб. Во овие региони ќе бидат воспоставени зони на катастрофа, објавија државните медиуми.
Скај Њуз потсетува дека Сирија е заглавена во жестока граѓанска војна од 2011 година, каде претседателот Башар ал-Асад и продемократските бунтовници се на спротивни страни. Таа избувна кога демонстрантите, инспирирани од бунтовите на Блискиот Исток и Северна Африка, повикаа на крај на режимот на Ал Асад. Претседателот Асад нареди насилна акција како одговор и избувна војна. Поголемиот дел од земјата е под контрола на владата, но некои градови – како што е Идлиб – се под контрола на бунтовничките сили. Овие делови на северна Сирија се погодени од катастрофи веќе 12 години, со илјадници цивилни жртви, оштетувања на инфраструктурата од гранатирања и недостиг на вода и електрична енергија.Односите меѓу двата дела на земјата се, неизбежно, лоши. Токму поради оваа причина, владата не сакаше да овозможи трансфер на помош по земјотресот во понеделникот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа