Сиљановска-Давкова во Ница го потпиша Договорот за зачувување на морската биолошка разновидност

 


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на третата конференција на Обединетите Нации за океанот којашто се одржува во Ница, го потпиша Договорот според Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (Договор BBNJ).

Целта на Договорот е преку зајакнување на меѓународната соработка и координација, да се сопре губењето на биолошката разновидност и деградацијата на екосистемите.

Истакнувајќи дека иако сме континентална држава направивме извонреден потег со тоа што пристапивме кон овој Договор, како и многу други држави, Сиљановска-Давкова рече – затоа што кога зборуваме за водите, мислиме на водите од потокот, од изворот, па до океанот и затоа е важно што повеќе држави да го потпишат Договорот.

Таа укажа дека Договорот ни наметнува и сериозни обврски кои треба сериозно да ги сфатиме затоа што сме должни како држава да сториме сè за заштита на водниот биодиверзитет и за одржлив развој на водите.

Оценувајќи дека состојбата со океаните и со водите воопшто не е сина, претседателката нагласи дека нештата мора да се менуваат во интерес на нивната заштита, затоа што добробит од тоа имаат сите држави на светот без оглед дали се на море или не – тоа значи дека и нашата држава ќе има само корист од заштитата на водите.

Во рамки на Конференцијата којашто се одржува во Ница, претседателката Гордана Сиљановска Давкова имаше и кратка средба со францускиот претседателот Емануел Макрон.

10.06.2025 - 13:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега