Шукова: Време е да се реши статусот на неформалните собирачи на отпад

Владата нема да отстапи од изнаоѓање финално решение за неформалните собирачи на отпад. Ова се група граѓани кои имаат права како и сите други во државата. Време е нивното прашање да се реши и тие да го добијат статусот што го заслужуваат, рече денеска министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Како што истакна Шукова, имало обиди во минатото преку јавните комунални претпријатија оваа група граѓани да се вклучи во формалниот систем, но процесот оди многу тешко.

-Тоа не значи дека ќе отстапиме и дека нема да се обидеме во рамки на регионалните системи за управување со отпад да најдеме финално решение овој неформален сектор да стане дел од формалниот. Тоа е група граѓани која, секако, има права како и сите други во оваа држава. Навистина е време и ова прашање да се реши и оваа група граѓани да го добие статусот што го заслужува и да бидат дел од формалниот сектор, истакна Шукова, одговарајќи на прашање по обраќањето на конференцијата „Визии за зелена иднина: Партнерство за циркуларност“ што ја организира ЦИВИЛ. 

На прашањето за собирачите на отпад се надоврза и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој исто така учествуваше на конференцијата.

-Тие се неформални зашто можеби немаат доволно доверба во системот и доверба дека нема да бидат оставени сами ако станат дел од формалните собирачи. Тоа е целокупно менување на нашиот начин како пристапуваме кон одредени проблеми, рече Битиќи. 

 

23.05.2023 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега