Шаќири: На електронската адреса за пријавување насилство досега се стигнати над 20 пораки

Досега на електронската адреса, која ја објави Министерството за образование и наука на која анонимно може да се пријави насилство, стигнале над 20-ина пријави од ученици и родители.

„Според информациите што ги имам, бројката е повеќе од 20 пријави. Но, има различни пријави. Има и добри искуства и препораки од различни страни како ги имаат решено проблемите. Има пријави кога некој лош пример, кој бил исклучен, сега е вратен во образовниот процес“,рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири  пред почетокот на денешната дебата „Насилство кај децата“.

Шаќири рече дека откриле и два-три случаи во кои училиштето не пријавило булинг, оти така проценило, иако учениците се пожалиле.

„Има и такви случаи, не може да кажеме дека нема. Пријавено е два-три пати, а од страна на училиштето не е проценето дека навистина треба да се реагира. Сите пријави, без разлика какви се, има посебен сектор во МОН, со повеќе од пет члена, кои ги повикуваат службите од училиштата, а за да ја потврдиме ситуацијата никогаш не кажуваме податоци кој го има пријавено случајот, дали е трета страна или родител. По доаѓање на службите се бара како имаат постапено законски. Дали е пријавен случајот, дали се известени родителите и по тие записници ние постапуваме. За секој случај Министерството веднаш постапува, но и другите институции како Министерството за труд и социјална политика и МВР“,рече Шаќири.

Шаќири денеска присуствуваше на дебата „Насилството кај децата“ на Филозофскиот факултет на која учество зедоа и ученици.

Министерот рече дека сите заклучоци и препораки кои ќе произлезат од денешниот состанок ќе бидат земени во предвид при изработката на правилник во кој ќе бидат внесени сите работи кои треба да се вклучат во организирањето на образовниот процес.

„Со добрата соработка и со дел од академската фела и со тие што се во процесот на образование и од основните и од средните училишта, ќе може да најдеме што подобри и што попозитивни решенија за проблемите. Во оваа дискусија нема спротивставени страни, сите сме заедно“,рече Шаќири.

Тој најави дека од септември, заедно со вработени во Министерството за внатрешни работи, кои ќе направат анализи, ќе имаат и нови препораки за тоа како и што треба да се направи за што побезбедни да бидат училиштата.

На прашањето дали ќе се зајакнат безбедносните мерки, Шаќири рече според проценките на Министерството за внатрешни работи, што досега е реализирано, некои од активностите ќе бидат зајакнат.

Од Министерството велат дека доколку биде забележан каков облик на насилно однесување во училиштата, случајот да биде пријавен на електронската адреса [email protected], односно [email protected] или, пак, до стручните служби во училиштата, со цел навремено да се реагира и да е спречат посериозни инциденти и последици.

22.05.2023 - 15:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега