СДСМ наредната недела ќе почне со подготовки за отчетниот Конгрес, а потоа и за внатрепартиските избори

 


Највисоките партиски органи на СДСМ следната недела ќе одржат состаноци на кои ќе се извршат подготовките за свикување отчетен Конгрес, согласно статусот на партијата, по поразот на двојните избори кои ги претрпе партијата и најавите за смена на раководството. 

-Во тек се подготовки за процесите што ќе се случуваат во партијата, согласно статутарните постапки и она што беше јавно соопштено досега, по изборите. Наредната недела се планирани состаноци на раководството на СДСМ и Извршниот одбор за отпочнување на постапката за свикување отчетен Конгрес, согласно Статутот на партијата, брифираат од партијата.

На отчетниот Конгрес, како што наведуваат оттаму, ќе се рагледаат причините за изборниот резултат, спроведените анализи и поднесените извештаи за работењето на партијата.

-Согласно Статутот, се очекува на отчениот Конгрес да бидат дефинирани рокови и начин на спроведување на внатрепартиски избори. Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, заменик претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ, брифираат од партијата.

Досегашната владејачка партија претрпе пораз на претседателските и парламентарните избори. Поранешниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, кој се бореше за втор мандат на вториот круг од претседателските избори загуби од неговата противкандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, освојувајќи 251.899 гласови или  29,25 отсто, наспроти 561.000, одноно 65,14 отсто за новата шефица на државата.

Согласно резултатите од парламентарните избори, пак,  Коалицијата за европска иднина, предводена од СДСМ освои 18 мандати во 120-члениот Парламент, додека Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ 58 мандати. Европски фронт на ДУИ освои 19 мандати, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 13, а Левица и Движење ЗНАМ – За наша Македонија по шест мандати.

Лидерот на партијата и поранешен премиер Димитар Ковачевски по прогласувањето на резултатите од двојните избори изјави дека резултатот е разочарувачки, дека на СДСМ му е зададен сериозен удар и најави процес на обнова и консолидација на партијата и нови избори за претседател и раководство на партијата. 

-СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади од ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за негласање на претседателските избори, но не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна и секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар не замо од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати. Во наредните месеци ќе треба посериозно и подлабоко да го најдеме изворот и причините за овој поразителен исход, рече Ковачевски на прес-конференцијата вечерта, по објавувањето на првичните резултати од гласањето.

Тој тогаш посочи дека не сака да избрзува со заклучоците и да посочува виновници, но подвлече дека и тој и партиското раководство како и сите избрани функционери имааат одговорност на локално и централно ниво.

-Никој реално не е без одговорност и тука ќе мораме заедно да поминеме низ овој процес. СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и да види кои се слабостите во изминатите четири години, а можеби и во последните седум години. И уште поважно, што е тоа што треба да направи за ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме, рече Ковачевски.

Тој најави процес на обнова и консолидација на партијата и повика на нов избор на сите партиски тела почнувајќи од претседателот на партијата, раководството и сите органи на партијата.

По поразот на изборите оставки од партиските функции поднесоа потпретседателите на СДСМ, Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска и Перо Костадинов, додека дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се повлече од функцијата претседателка на Форумот на жени на СДСМ. 

15.05.2024 - 12:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега