СДСМ: Цвета Ристовска од антикорупциската комисија да поднесе оставка
Опозициската СДСМ бара оставка од членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поради судир на интереси по, како што велат, скандалозната одлука поврзана со директорот на АНБ, Бојан Христовски и неговата спорна диплома.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека е алармантно откритието оти членката на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и реферираше дека „сè е во ред“ со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата која ја издала спорната диплома.
„Со пријава до ДКСК оспорена е диплома од Универзитетот на кој Ристовска била професорка во време кога Христовски дипломирал во рок од една година. Ова претставува уште еден основ за директен судир на интереси, што е во спротивност со Етичкиот кодекс на ДКСК, каде што јасно е наведено дека членовите не смеат да одлучуваат за предмети каде постои судир на интереси (член 9). Не смее да има ниту најмал сомнеж за конфликт на интерес кај оние што треба да се борат против конфликт на интерес“, рече Кузеска.
Според СДСМ, Ристовска требало да биде изземена од овој случај, додека ДКСК треба да биде пример, а не да остава впечаток дека штити било кого.
Партијата бара и повлекување и преиспитување на одлуката за случајот со дипломата на директорот на АНБ, како и расчистување на прашањето за евентуалните неправилности во анализата на Државниот просветен инспекторат.
Претходно вчера, од Атикорупциска објаснија дека соработката на Ристовска со Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Од тука сметаат дека не постои никаков судир на интерес бидејќи нема никаква поврзност со наведниот универзитет.
Нејзината фотографија беше пред два дена избришана, па повторно вратена назад на страната на Универзитетот во составот на универзитетскиот наставен кадар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа