Русинката која Хашкиот суд сака да ја уапси заедно со Путин: „Одлично“

 

Покрај рускиот претседател Владимир Путин, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење и на Марија Алексеевна Лвова-Белова комесарка за правата на децата во Канцеларијата на претседателот на Русија, поради незаконско депортирање на деца од Украина.

Во судското соопштение се наведува и дека постојат „разумни причини“ да се верува дека Лвова-Белова „сноси индивидуална кривична одговорност“ за „военото злосторство илегална депортација на населението (децата) и незаконското преселување на населението (децата) од окупираните територии на Украина до Русија“.

Лвова-Белова оцени дека налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за нејзино апсење е „дел од контекстот на ситуацијата во Украина“, и изјави дека е подготвена да продолжи со својата работа.

„Одлично е што меѓународната заедница ја цени оваа работа за да им помогне на децата на нашата земја, да не ги оставаме во воените зони, да ги извадиме, да им создаваме добри услови, да ги опкружуваме со љубов, грижливи луѓе“ беше првата реакција на руската комесарка за правата на децата на потегот на Меѓународниот кривичен суд.

Лвова-Белова е родена на 25 октомври 1984 година. Родена и израсната во градот Пенза на западот на Русија, а дипломирала на Колеџот за култура и уметност А.А.Архангелск во 2002 година како диригент.

Од 2000 до 2005 година работела како професорка по гитара во детските музички училишта во Пенза.

Лвова-Белова се приклучила на партијата Единствена Русија во 2019 година, а на 23 ноември ѝ била дадена членска книшка од тогашниот премиер Дмитриј Медведев. Таа потоа била избрана во Президиумот на Генералниот совет на Единствена Русија и станала копретседавач на работната група за поддршка на граѓанското општество.

Лвова-Белова е обвинета од украинските и британските официјални лица дека го надгледувала присилното депортирање и посвојување деца од Украина за време на руската инвазија на Украина. Била санкционирана од ЕУ во јули 2022 година и од Јапонија во јануари 2023 година.

17.03.2023 - 20:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега