Русија: Украина е виновна за нападот на детската болница во Киев

 

Кремљ денеска соопшти дека за нападот на детската болница во Киев ден претходно е одговорна украинската воздушна одбрана, а не Русија, додека ОН оценија дека, најверојатно, станува збор за руска ракета.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не даде докази за своето тврдење, но рече: „Инсистирам, ние не напаѓаме цивилни цели“.

Украинските власти тврдат дека Русија во понеделникот ја погодила главната детска болница во Киев со проектил и дека гранатирала други градови во земјата, при што загинале најмалку 41 цивил. Тоа беше најлошиот бран воздушни напади во последните месеци.

Украинската служба за безбедност соопшти дека болницата била погодена од руски проектил „Калибр Кх-101“ и дека на местото на настанот се пронајдени докази, поточно делови од задниот дел на проектилот со сериски број и дел од системот за наведување.

Шефот на набљудувачката мисија на ОН рече дека смртоносниот напад врз детската болница во главниот град на Украина, најверојатно, бил предизвикан од директен удар од руски проектил.

„Видеоанализата и процената на местото на настанот укажуваат на голема веројатност дека детската болница претрпела директен удар“, рече Даниеле Бел, шеф на Мисијата на ОН за човекови права во Украина.

Таа додаде дека нејзиниот тим, кој ја посети локацијата во понеделникот, не може да донесе конечна одлука, но се чини дека проектилот бил лансиран од Русија.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, тврди дека украинска ракета „земја-воздух“ НАСАМС погодила детска болница.

Песков на дневниот брифинг со новинарите беше прашан како Русија може да тврди дека не напаѓа цивилни цели по таа трагедија.

„Апелирам да се раководите од изјавите на руското Министерство за одбрана, кои апсолутно исклучуваат дека имало напади врз цивилни цели и кои укажуваат дека станува збор за пад на системот за противвоздушна одбрана“, рече тој.

„Продолжуваме да инсистираме да не напаѓаме цивилни цели. Напаѓаме критична инфраструктура, воени цели, кои се поврзани на еден или друг начин со воениот потенцијал на режимот“, додаде тој.

09.07.2024 - 14:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа