Речиси милион барања за азил примила ЕУ минатата година

 

Минатата година во ЕУ се примени околу 966.000 барања за меѓународна заштита, што е зголемување од 50 отсто во однос на 2021 година, според податоците на Европската агенција за азил објавени денеска. Бројот на апликации ги вклучува и пријавите поднесени во Швајцарија и Норвешка.

Тоа е најголем број од 2016 година, а најмногу апликанти доаѓаат од Сирија (132.000), Авганистан (129.000) и Турција (55.000). Значителен број апликации беа пријавени и од државјани на Венецуела (51.000), Колумбија (43.000), Бангладеш (34.000), Грузија (29.000), Индија (26.000), Мароко (22.000), Тунис (21.000) ), Египет (15.000), Молдавија (8.300).

Агенцијата прецизира дека зголемувањето на бројот на апликации се должи на укинувањето на пандемиските ограничувања, но и на недостигот на храна. Забележано е дека ЕУ во меѓувреме им дала заштита на четири милиони Украинци кои избегале од војната.

Се додава дека бројот на „нерешени“ решенија за апликации достигна највисоко ниво во последните шест години - околу 636.000, а тоа е зголемување за 44 проценти за една година. Минатата година во ЕУ беа донесени околу 632.000 првостепени решенија (зголемување од 20 проценти).

Одобрени се околу 40 отсто од поднесените барања, при што на околу 147.000 им е доделен статус на бегалци, а 106.000 добиле заштита. Најчесто се исполнуваат барањата на граѓаните на Сирија, Белорусија, Украина, Еритреја, Јемен и Мали. Само во четири проценти од случаите им се доделувало заштита на државјани на Индија, Северна Македонија, Молдавија, Виетнам, Тунис, Босна и Херцеговина, Србија и Непал.

22.02.2023 - 11:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега