Разрешениот директор на ЗОО Скопје: Не сум никаков убиец

 

Не сум никаков убиец, вака разрешениот директор Кристијан Стаменов, одговори на обвинувањата дека од скопската Зоолошка градина направил кланица. Тој објасни дека коњите кои се заклани во кланицата на установата, билe изнемоштени. Ова според Стаменов, не е прв ваков случај, на што тој сведочел како вработен во изминатите 12 години.

„ Според одлуката на Управниот одбор, која се носи во последните 20 години се врши т.н. економско искористување на животните кои во консултација со стручните лица во Зоолошката се во состојба пред умирање, болни, со неизлечливи рани и инфекции, крајно изнемоштени, кои не можат да бидат рехабилитирани. Ова не е прв случај, имало бројни случаи и во минатото. Крајно лицемерна е осудата која доаѓа кон мене токму од истите лица кои ова економско искористување го имаат и самите правено и тоа не само на коњи, туку и на останати животни, пример за тоа е жирафата која е дадена како храна за лавовите. За разлика од претходни години сега над животните кои не можат да се спасат или боледуваат се спроведува навистина хуман третман“, кажа Стаменов.

Тој беше дециден дека немал намера, ниту помислил да изнемоштува и убива животни.

„ Во претходниот период имавме добар пример, коњот кој го спасивме од Дебар маало беше животно во тешка состојба, но успеавме да го рехабилитираме да биде само дополнителна вредност на зоолошката градина, така сум постапувал со сите животни. Од самиот почеток на моето назначување за в.д директор на зоолошката градина бев цел на разни напади, физички пресметки, закани, притисоци и опструкции за кои дел од нив бевте сведоци самите“, додава Стаменов.

Тој смета дека станува збор за директен атак насочен спрема него.

„ Морам да истакнам дека запазени се сите законски процедури во оваа постапка која не е нималку популарна, но која е одраз само на правилно спроведување на заштитата на животните. Јас мојата невиност ќе ја докажам пред институциите, и секогаш ќе имам неизмерна љубов кон сите животни“, додава разрешениот директор.

Против него е покрената и постапка за убивање на животни, за што министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кажа дека нема да толерира вакви постапки.

Макфакс

15.07.2022 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега