Разоткриена подземна банка: Испрани најмалку 180 милиони евра заработени од препродажба на тони кокаин
Заедничката акција на белгиската и шпанската полиција, со помош на Европол, разоткри подземна банка, која, како што се сомневаат, ја користеле разни криминалци за перење пари заработени од криминални активности, главно од трговија со кокаин.
Сомнежите се дека низ таа подземна банка поминале најмалку 180 милиони евра, односно дека тие пари се испрани, а ја користела криминална група составена од Мароканци, Шпанци и Белгијци.
Тие биле активни во Белгија и, според Европол, имале криминални подружници во Холандија, Шпанија, Јужна Америка и Дубаи.
Европол наведува дека осомничените развиле специјално дизајниран систем за перење пари заработени од шверц на кокаин. Низ пристаништата и аеродромите на ЕУ се шверцувала дрога, а во оваа акција биле уапсени шест лица, пет во Белгија и едно во Шпанија.
Дополнително, запленети биле три имоти, 1,2 милиони криптовалути, 50.000 евра, луксузни возила, накит, 23 телефони, три банкарски сефови, машина за броење банкноти.
Криминалната организација инвестирала во криптовалути, по што готовината ја дистрибуирала преку подземен банкарски систем.
Осомничените, парите ги инвестирале во луксузни недвижнини низ ЕУ и во неколку марокански градови. Истрагата беше започната во октомври 2021 година благодарение на дешифрирањето на пораките на „Sky ECC“. Станува збор за високо шифрирана апликација која беше хакирана од ФБИ и ја користеа криминалците ширум светот.
Собраните податоци биле проследени до полицијата ширум светот, која благодарение на нив почнала да разбива тешки криминални организации, пренесува „Вечерњи лист“.
Еден од нив е гореспоменатиот, кој се занимавал со шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа. Дрогата била криумчарена скриена во товар на брод или авион, а се работи за вкупно неколку тони кокаин.
Откако дрогата дополнително била препродадена, криминалната организација заработила огромни суми пари кои некако морале да се легализираат.
Основале сопствена подземна банка за ваквите „инвестиции“ да изгледаат што е можно полегално.
Тие користеле и тајни компании, а обемот на таа работа останал скриен од властите додека не се дешифрирале комуникациите на Скај.
И покрај зголемената интервенција во борбата против дрогата, пазарот на нелегални дроги во Европа продолжи да расте, а Белгија стана главно пристаниште за шверцери, пренесуваат медиумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа