Расте бројот на заболени од грип – најмногу во Скопје

 

Во периодот од 20 до 26 јануари, во земјава се регистрирани 1 878 случаи на грип или заболувања слични на грипот, што претставува пораст од 33 проценти во споредба со истиот период минатата година, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

 

Најмногу случаи се пријавени во Скопје – 581, по што следува Кавадарци со 219 заболени. Во Куманово се евидентирани 167 случаи, во Струмица 162, а во Штип 106. Во останатите градови бројот на заболени е под или еднаков на 100.

Според возрасната структура, најголем дел од заболените – 1 066, се лица на возраст од 15 до 64 години. Кај децата од пет до 14 години се регистрирани 349 случаи, додека 325 заболени се деца до четири години. Меѓу повозрасните, 138 заболени се постари од 65 години.

За намалување на ризикот од зараза, Институтот препорачува да се избегнува престој во простории со голем број луѓе, како и близок контакт со лица кои имаат симптоми како кашлица, кивање и зголемена телесна температура.

30.01.2025 - 18:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега