Радмила Шекеринска: Ние ветивме ЕУ и НАТО – и тоа го одработивме за само 2,5 години

 

 Можеме повеќе значи дека ја поставивме државата на прав пат, поставивме темел и сега на тој темел ќе градиме цврста, побогата и посреќна држава, вели министерката за одбрана и носител на листата на СДСМ во петтата изборна единица, Радмила Шекеринска во интервју за Прес24, потенцирајќи дека слоганот на коалицијата значи дека мандатот кој го бараат е за продолжување на политиките кои значат подобра иднина на државата, почнати во 2017 година.

-Знаете, бомбите кои се пуштаат деновиве нам не можат да ни наштетат бидејќи со бомби може да се урне само режим. Со бомбите кои ги слушавме пред неколку години излезе на виделина она што граѓаните го насетуваа – дека владата на Груевски шири страв, раздор и молк меѓу граѓаните за во позадина слободно да ги развива криминалите на штета на својот народ и држава а само во своја полза. Денеска кога секој денар што го троши секое министерство може да се види каде е потрошен, кога се работи транспарентно и секоја набавка е на виделина пред очите на јавноста, кога не се крие ништо а критиката се поттикнува за да ја подобри работата на министрите... нема незаконско однесување што би го откриле бомбите. Тоа е само шум, обид да се наштети кој нема да успее. Граѓаните знаат дека само две и пол години по режимот, живеат во слободна демократска држава во која никој не им ги попречува правата, вели Шекеринска во интервјуто.

Вицепремиерката во интервјуто вели дека досегашниот мандат од 2,5 години бил период за решавање на најтешките прашања.

-Ние ветивме ЕУ и НАТО – и тоа го одработивме за само 2,5 години. Тие на сите ни изгубија 11 години – и нам и на нашите деца. Не можеш, како што правеше ВМРО ДПМНЕ, на избори да велиш - ќе ја внесеме државата во ЕУ и НАТО, ќе ги покачиме платите, ќе се погрижиме за сиромашните и за социјалните случаи, граѓаните ќе имаат повеќе пари – а потоа не само да не го оствариш тоа, туку да ја скараш и изолираш земјата со сите, да ја блокираш цели 11 години, да не се ни обидеш да најдеш решение што ќе ја отвори евроатлантската перспектива, силно да се противиш на повисоки плати и како власт и како опозиција, да ги погазиш сите права на своите граѓани, да ја згазиш слободата на медиумите, иднината на сопствената земја - а од друга страна да градиш бела палата и да ги полниш своите и сметките на најблиските извршители со парите на граѓаните низ тајни криминални зделки.Тоа граѓаните го паметат и нема да дозволат да се повтори, вели Шекеринска во интервјуто за Прес24.

Според нејзе европската перспектива на државата по 11 години власт на ВМРО-ДПМНЕ е отворена и сега претстои период на нејзино исполнување и во процесот на членство во Европската Унија.

-Преговарачката рамка е промоција на македонскиот јазик како иден службен јазик на Европската Унија. Ние водиме политики на партнерства и пријателстваа македонскиот јазик е признаен и прифатен од целиот свет, впишан во картата на ОН. Договорот со Бугарија која е наш сосед и пријател, е потпишан на македонски јазик. Пропаднаа сите надежи на опозицијата дека ќе можат да го сокријат ова – дека успеавме да се потврдиме во светот со јасен и цврст идентитет - како македонски народ, кој зборува македонски јазик. Ние преку дијалог и пријателство дојдовме до тука, така и ќе продолжиме, вели Радмила Шекеринска, носител на листат од Коалцијата „Можеме“ во интервју за Прес24.

ПРЕС24: На половината сме од предизборната кампања, а речиси и да нема ден кој нема да помине без некакви аудио снимки поврзани или со власта или со опозицијата. Ако се суди по ова, што може да се очекува до крајот на кампањата?

ШЕКЕРИНСКА: Ние на граѓаните го нудиме тоа што го бараат и очекуваат: кои се нашите планови за следните четири години, кои се нашите приоритети и рокови. И тоа е нашиот фокус. Настапуваме со реални планови, базирани на тоа што веќе го реализиравме во последните 2,5 години. Тоа граѓаните сакаат да го слушнат, бидејќи доверба се гради врз основа на резултатите. 

Знаете, бомбите кои се пуштаат деновиве нам не можат да ни наштетат бидејќи со бомби може да се урне само режим. Со бомбите кои ги слушавме пред неколку години излезе на виделина она што граѓаните го насетуваа – дека владата на Груевски шири страв, раздор и молк меѓу граѓаните за во позадина слободно да ги развива криминалите на штета на својот народ и држава а само во своја полза. Денеска кога секој денар што го троши секое министерство може да се види каде е потрошен, кога се работи транспарентно и секоја набавка е на виделина пред очите на јавноста, кога не се крие ништо, а критиката се поттикнува за да ја подобри работата на министрите... нема незаконско однесување што би го откриле бомбите. Тоа е само шум, обид да се наштети кој нема да успее. Граѓаните знаат дека само две и пол години по режимот, живеат во слободна демократска држава во која никој не им ги попречува правата. Живеат во држава која повеќе не е изолирана, која направи пријатели и сојузници и од соседите и од најмоќните држави во светот, која е членка на НАТО и почнува преговори со ЕУ. Ние работиме за граѓаните. Тие работеа само за себе.

ПРЕС24: Можно ли е да се води нормална кампања во вакови дијаметрално спротивни политики меѓу власта и опозицијата, во ситуација кога политичката битка се претвора во политичка омраза?

ШЕКЕРИНСКА: Може да се води дијаметрално спротивна кампања. Од едната страна коалицијата Можеме зборува за резултатите кои се многу сериозни, ако го споредите она што го наследивме, со она што го постигнавме. Од другата страна е само плукање, бидејќи тие ниту се оградија од девастирачката политика на својот ментор Груевски, ниту помогнаа во клучите процеси со кои ја донесовме земјата во НАТО. Само тие не се радуваа на овој огромен успех. Само тие навиваа да не ги почнеме преговорите со Европската Унија. Јас ви го разбирам прашањето ако е во контекст на една понапредна клима во општеството, кампања во која ќе се понудат концепти и реално остварливи политики, но кај оваа опозиција тоа не го барајте. Тие само плукаат и нудат обнова на режимот. Ние во секое место што го посетуваме кажуваме колку сработивме, до каде стигнавме, и ако тоа го постигнавме за 2,5 години – следните четири граѓаните реално можат да очекуваат многу повеќе. 

Не можеш, како што правеше ВМРО ДПМНЕ, на избори да велиш - ќе ја внесеме државата во ЕУ и НАТО, ќе ги покачиме платите, ќе се погрижиме за сиромашните и за социјалните случаи, граѓаните ќе имаат повеќе пари – а потоа не само да не го оствариш тоа, туку да ја скараш и изолираш земјата со сите, да ја блокираш цели 11 години, да не се ни обидеш да најдеш решение што ќе ја отвори евроатлантската перспектива, силно да се противиш на повисоки плати и како власт и како опозиција, да ги погазиш сите права на своите граѓани, да ја згазиш слободата на медиумите, иднината на сопствената земја - а од друга страна да градиш бела палата и да ги полниш своите и сметките на најблиските извршители со парите на граѓаните низ тајни криминални зделки.Тоа граѓаните го паметат и нема да дозволат да се повтори. 

Ние ветивме ЕУ и НАТО – и тоа го одработивме за само 2,5 години. Тие на сите ни изгубија 11 години – и нам и на нашите деца. Рековме ќе ги решиме најтешките прашања и ги решивме бидејќи кај нас зборот е збор. Станавме членка а НАТО, почнуваме преговори со ЕУ, направивме пријатели во светот, ги покачивме платите, 300% ја зголемивме социјалната помош, невработеноста ја намаливме на помалку од 17%, медиумите се сосема слободни и гласни. Омраза во СДСМ немало никогаш. Омразата ја поттикнува опозицијата, со неа владееше 11 години. И ние би сакале современа, подготвена опозиција, борба на идеи, и се надевам дека по овие избори опозицијата ќе успее да се реформира и да фати чекор со времето. За тоа ќе требаат други луѓе, не оние на кои прогресивните процеси им пречат и се надеваат само да продолжат каде што застанале а земјата да ја вратат во блокади на секој план. Тоа време помина.

ПРЕС24: На овие избори одите со слоганот „Можеме и повеќе“, така ја нерековте и коалицијата, што подразбира овој слоган?

ШЕКЕРИНСКА: Тоа е сосема јасно. Тоа значи дека – ако за 2,5 години минималната плата порасна од 9 000 на 14.500 денари, граѓаните можат да бидат убедени дека за следните 4 години минималната плата ќе порасне уште за толку, на 20000 – а тоа е 120% повеќе од времето на ВМРО ДПМНЕ. Просечната ќе порасне на 34000 денари. Пензиите од почетокот на 2020 година пораснаа за над 730 денари, и ќе продолжиме со нивен раст – најниските пензии до крајот на следниот мандат ќе пораснат за 21%. Ако можевме да ја пополниме огромната дупка која тие ја напрваија во пензискиот фонд без да помислат на сегашните и идни пензионери, тогаш логично е да ја имаме поддршката на пензионерите и довербата дека ќе направиме уште повеќе. Можеме повеќе и подобро значи дека мандатот го бараме за да сработиме дури и повеќе од досега бидејќи ќе имаме повеќе времеа и ќе тргнеме од многу подобра стартна позиција од онаа во 2017. Тогаш никој не веруваше дека ќе станеме полноправна членка на НАТО. Тоа го постигнавме. Никој не веруваше дека Македонија која од кандидатскиот статус во 2005 не направи ни чекор кон ЕУ, денеска ќе има согласност од сите земји членки на ЕУ да ги почне преговорите.  Овие успеси кои ги постигнавме се за само 2,5 години. И еве што значи тоа за Македонија. Поради членството во НАТО и отворениот пат кон ЕУ 2019 ја завршивме со 624 милиони евра странски инвестиции, денес се веќе 660 милиони евра. Нашата држава е најповолна за инвестирање во регионот поради сигурноста што ја обезбедивме и ако на стартот на интеграциите имаме 660 милиони евра странски директни инвестиции – за очекување е дека можеме и повеќе. Најавуваме една милијара евра странски инвестиции до крајот на мандатот. Во Програмата се обврзуваме дека ќе ги поддржиме домашните и странските компании со 600 милиони евра – 300 милиони од буџетот и 300 од европските фондови. Оттука произлегува реалната проекција за 34.000 денари просечна плата и минимална плата од 20.000 денари, во следните четири години. Бидејќи не ветуваме на празно. Ветуваме реално. Можеме повеќе подразбира дека сите процеси кои ги започнавмеа кои значат едно – грижа за сите граѓани, ќе продолжат уште позасилено. Решивме да ги враќаме парите кон граѓаните и ќе продолжиме, бидејќи тоа е од корист за сите. Го креваме прагот за поврат на ДДВ од 7.200 на 9.600 денари годишно по корисник! Ги зголемуваме субвенциите за земјоделците и парите за рурален развој од 160 на 200 милиони евра годишно, со навремена исплата! Ќе израдиме 950 км локални, 300 км експресни патишта, 260 км автопатишта!   2.5 милијарди евра од европските фондови, европски пари ќе ги вложиме за европски стандарди дома!  Земјоделците ќе добијат бесплатна „зелена“ нафта. Младите и жените ќе добијат грантови од 15 000 евра за отворање сопствени фирми. Социјалната помош која ја зголемивме 3 пати продолжува да расте - повисока социјална помош ќе добијат 34.000 домаќинства, а 65 000 деца ќе добијат детски додаток. Во следниот мандат ќе изградиме 777 социјални станови! Можеме повеќе значи дека ја поставивме државата на прав пат, поставивме темел и сега на тој темел ќе градиме цврста, побогата и посреќна држава.

ПРЕС24: Во изборен процес одговорноста е на сите, но сепак власта е таа кај која има најголема одговорност. Кога бевте опозиција постојано зборувавте за немање капацитет на тогашната власт за организрање фер избори. Има ли сегашната власт капацитет да понесе одговорност за успешен, фер и демократски изборен процес? 

ШЕКЕРИНСКА: Последните изборни цилкуси за кои ние бевме задолжени како што велите, како власт со одговорност, поминаа со највисоки оценки. После серија спорни избори, ние три пати по ред (заедно со референдумот) организираме фер и демократски избори кои покажуваат дека сме имале капацитет, ама претходните немале политичка волја. Немаше уцени, немаше „влечење за уши”, немаше “пиштење вриштење”, немаше “МВРО-ВМРО”... 

Не се противевме на техничка влада и за овие избори бидејќи нашите карти се отворени.  Логиката на техничката влада, која ги спроведува овие избори, е токму тоа – опозицијата да има таква улога што нема да остави сомнеж во фер процесот на изборите. Изборите се моментот кога граѓаните ја предаваат власта на луѓето кои сакаат да ги водат. Тоа никој не смее да го погази. И таму каде што мислат дека имаат позиција за таков обид, нема да им успее.

ПРЕС24: Надворешната политика од изминативе три години е еден од адутите на Вашата коалиција за овие избори, но од друга страна е и директен атак од страна на опозицијата? 

ШЕКЕРИНСКА: Тоа што е сработено добро за земјата е под атак на опозицијата. Тоа е опозиција која не ја сака својата земја. А и тие ќе имаат корист од членството во НАТО и ЕУ, и сите идни генерации. Немаа удел во процесот, се обидуваа да наштетат и само критикуваат. Нашите политики постигнуваат успех за државата и сите граѓани. Нивните – за нив. Но нема да добијат шанса, додека не се реформираат. Додека не разберат дека тука сме да работиме за граѓаните.

ПРЕС24:  Ова се први избори кои ќе се одржат во Македонија како земја членка на НАТО. Дали и одговорноста сега е поголема?

ШЕКЕРИНСКА: Нашата одговорност е пред нашите граѓани и ние веќе ја покажавме. Ја претставивме државата во ново, европско светло - а не во старото, балканско.

Покажавме дека може изборите да се фер, медиумите ослободени од политички притисоци, а владата да е транспарентна и отворена за дијалог. Покажавме дека сакаме и можеме да сме поинакви и подобри - затоа станавме членка на НАТО. 

ПРЕС24:  Што се промени во Армијата, во државата со членството во НАТО?

ШЕКЕРИНСКА: Во Армијата многу се промени и пред членството во НАТО. Членството во НАТО не ни беше подарок туку го заработивме. Се потсмеваа кога рековме дека набавивме чизми и униформи за војниците, без да бидат свесни дека тоа значи дека 11 години не се погрижиле ниту за основната опрема на војската. Ги покачивме месечните приходи на припадниците на Армијата за повеќе од 50 проценти. Војник кој земал 20000 плата од март 2020 добива над 31000 месечен приход. Покажавме дека државата се грижи за војниците кои решиле да и служат целиот свој работен век. И тоа е малку? Тие сосема ја заборавија и занемарија Армијата. 

Одиме понатаму. Го зголемивме буџетот за Армијата, го решивме станбеното прашање на припадниците на Армјата, ги исправивме неправдите – исплативме јубилејна награда, дневници кои не им ги исплаќаа, дополнително ги зголемивме платите на цивилните лица во Армијата, го зголемивме месечниот надомест за мисии од 3000 до 4200 евра. Воведовме стипендии за дефицитарните кадри во Армијата. Воведовме 10 пати повисок надомест за обуката на идните офицери. Воведовме можност за работа на воените лекари и медицински персонал во јавното здравство. Воведовме најдобри услови и високи отпремнини за пензионирање.  Ја снабдивме Армијата со инжинериски машини за помош на цивилното население, набавивме современи оклопни возила. Го искачивме министерството на прво место по транспарентност во работењето, значи немало оправдување министерството да молчи кон јавноста и да биде затворено, сокриено, како што беше 11 години. Министерството е меѓу првите институции по транспарентност и интегритет во јавните набавки.

Дали е и сето ова малку? Има уште. Направивме пријатели од клучните луѓе што ја водат политиката во светот. Ја внесовме државата и Армијата во НАТО. Сега фокусот е опремување на нашата пешадија и опремување на сигурни комуникациски и информатички врски и елементите на сајбер одбраната. По неколку години ќе се модернизираат и хеликоптерските единици. И ова е примерот како функционираме ние, а како тие. Во сите области.

ПРЕС24: Какви предизвици ја очекуваат Македонија во поглед на безбедносни реформи и учество во мисии на НАТО, сега како членка?

ШЕКЕРИНСКА: Нашата национална безбедност и сигурност никогаш не била на повисоко ниво. Членството во НАТО значи сигурна и безбедна иднина за нас и нашите деца и гарантиран и побрз економски развој. Со реформите кои ги почнавме уште со почетокот на мандатот, ќе продолжиме, според сите стандарди на НАТО. Во реформата на Армијата која сега е НАТО Армија ни помагаа нашите сојузници од првиот момент кога забележаа дека политиката е променета и дека сериозно работиме за да го заработиме членството во НАТО. Со измените во Законот за одбрана поддржани од Собранието, направивме измена која беше прифатена од сите пратеници - одлуките за учество на Северна Македонија во НАТО мисиите да ги носи владатаа собранието да добива годишен извештај. Не сме повеќе само партнери, Северна Македонија е земја членка на НАТО и ги презема сите сојузнички обврски но и привилегии. Притоа не сме во НАТО само заради големите предности што членството ги носи за нашата безбедност и економско јакнење, имаме што и да понудиме. Високите претставници на НАТО и сојузничките армиски лица знаат дека нашиот полигон Криволак ги има најдобрите услови за обуки и извежбувања и тука вложуваме многу.  Во тек е пробивање на нови патишта кои ќе ги поврзуваат точките на полигонот кои досега не биле поврзани. Се подготвуваме за голема сојузничка вежба следната година. Влогот ќе ни се врати повеќекратно со доверба од сојузниците и поттик за локалната заедница. Дополнително, членството во НАТО значи и отворени врати за нашите компании за пристап на пазар од 4 милијарди евра. Ќе формираме Центар за поддршка на сите домашни компании за да ја искористат оваа шанса.

ПРЕС24: Брисел ја дефинираше преговарачката рамка за ЕУ. Како ја оценувате и кога очекувате нејзино прифаќање?

ШЕКЕРИНСКА: Европската комисија ја утврди предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија и ги демантираше сите напади на опозицијата која тврдеше дека тоа нема да се случи ни овој пат. Европската Комисија тоа го стори во тешки услови за целиот свет, кога се бориме со пандемија и кога би било разбирливо прашањата кои не се најприоритетни да се остават за подобри времиња. Но, не го одложија ова прашање, и тоа значи дека се единствени во одлуката да ги почнеме преговорите за членство. Ако се сеќавате и последните ратификации и членството во НАТО се случија во тешки услови за земјите што ратификуваа и за светот. Тоа е така бидејќи светот ги отвори вратите за нас и сака да ја награди политиката што ја водевме во изминатите 2,5 години.

ПРЕС24:  Постои ли опасност некоја од државите членик на ЕУ да издејствува промени во оваа рамка, овде пред се мислам на Бугарија?

ШЕКЕРИНСКА: Ако се прашувате дали е можно некој повторно да не закочи, јас би ве повикала да бидете спокојни. Сите евентуални проблеми за нас се предизвик за решавање. Преговарачката рамка е промоција на македонскиот јазик како иден службен јазик на Европската Унија. Ние водиме политики на партнерства и пријателстваа македонскиот јазик е признаен и прифатен од целиот свет, впишан во картата на ОН. Договорот со Бугарија која е наш сосед и пријател, е потпишан на македонски јазик. Пропаднаа сите надежи на опозицијата дека ќе можат да го сокријат ова – дека успеавме да се потврдиме во светот со јасен и цврст идентитет - како македонски народ, кој зборува македонски јазик. Ние преку дијалог и пријателство дојдовме до тука, така и ќе продолжиме. Не можам да тврдам дека нема да се појави некое прашање што ќе треба да се решава, но ќе го решиме на истиот начин – со дијалог и пријателство. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.07.2020 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега