Путин го опиша Кисинџер како мудар државник, а Кина како стар добар пријател
Се нижат изразувањата сочувство за смртта на американскиот дипломат Хенри Кисинџер кого рускиот претседател, Владимир Путин, го опиша како „мудар државник“, а кинеските власти како „стар добар пријател на кинескиот народ“.
Познатиот американски дипломат и научник почина во средата на 101-годишна возраст во својот дом во Конектикат.
Во телеграма до вдовицата Ненси Кисинџер, Путин рече дека Кисинџер е „мудар и далековид државник“. „Името на Хенри Кисинџер е нераскинливо поврзано со прагматична надворешнополитичка линија, која во еден момент достигна затегнатост во меѓународните тензии и најважните советско-американски договори, кои придонесоа за зајакнување на глобалната безбедност“, рече Путин.
Кисинџер го охрабруваше дијалогот меѓу Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз во 70-тите, што доведе до првите големи договори за контрола на нуклеарното оружје меѓу двете суперсили од Студената војна.
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг и високите кинески претставници упатија сочувство до американскиот претседател Џо Бајден и до семејството на Кисинџер, соопшти во четвртокот кинеското Министерство за надворешни работи.
„Кисинџер беше добар стар пријател на кинескиот народ. Тој е пионер и градител на кинеско-американските односи“, рече портпаролот на Министерството, Ванг Венбин, на редовната прес-конференција. Кисинџер ја посети Кина повеќе од 100 пати, а во јули се сретна со Шји во ненадејна посета на Пекинг.
Хајнц Алфред Кисинџер е роден во Фурт, Германија, на 27 мај 1923 година во еврејско семејство, со кое се преселил во САД во 1938 година пред нацистичката кампања за истребување на европските Евреи. Тој го промени своето име во Хенри, служеше во американската армија во Европа во Втората светска војна, а докторира на „Харвард“ во 1954 година.
„Хенри Кисинџер ја обликуваше американската надворешна политика како ретко кој друг. Неговата посветеност на трансатлантското пријателство на САД и Германија беше значајна и тој секогаш остана близок со својата германска татковина. Светот загуби голем дипломат“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го опиша Кисинџер како „стратег што внимавал на најмалите детали“, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека „неговото влијание и наследство ќе продолжат да одекнуваат и во 21 век“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека заминувањето на Кисинџер „го означува крајот на една ера, во која неговиот неверојатен интелект и дипломатските вештини го обликуваа не само правецот на американската надворешна политика туку имаше големо влијание и на глобалната сцена“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа