Претстојниот Самит на НАТО и поддршката за Украина, главни теми на средбата на министрите за одбрана на Алијансата
Подготовките за Самитот на НАТО во Вашингтон со кој ќе се одбележи 75-годишнината од основањето на Пактот и обезбедувањето предвидлива поддршка за Украина на долг рок, ќе бидат главни теми на дводневната средба на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата, што денеска започнува во Брисел. Земјава на состанокот ќе ја претставува заменик министерот за одбрана Тирон Јајага.
Средбата ќе започне со состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, по што попладне ќе се одржи заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на министри за одбрана.
Утре министерската средба продолжува со прво со Северноатлантскиот совет, а потоа и со состанок на Групата за нуклеарно планирање.
Во пресрет на средбата генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг синоќа изјави дека таа се одржува во критично време за Украина и за безбедност со сојузниците и во услови кога се увиде дека доцнењето во обезбедувањето воена помош за украинските сили имаше последици на бојното поле.
- На овој состанок на министрите за одбрана ќе ја зајакнеме нашата поддршка за Украина, ќе ја зајакнеме нашата одбрана и ќе испратиме силна порака за одвраќање до нашите противници, изјави Столтенберг.
Тој нагласи дека очекува министрите да го одобрат планот според кој НАТО ќе раководи со координација на безбедносната помош и обука за Украина.
- Ова е клучен елемент за нашиот пакет за Украина, заедно со долгорочна финансиска обврска, истакна Столтенберг.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа