Пожарите не ги спречуваат македонските државјани да патуваат во Грција

 

И покрај тоа што беснеат пожари на четири локации, сепак, една од омилените дестинации за ова лето на македонските државјани е токму Грција.

Согласно последните информации на службите, моментално и од земја и од воздух се гаснат пожари на Родос и Крф, а од попладнево и два нови во близина на градовите Ламија и Велестино во централна Грција. Превентивно биле евакуирани и населени места.

Туристичките агенции во Македонија со „полни раце“ работа овој период

Пожарите не ги спречуваат македонските државјани да патуваат во Грција, покажуваат резервациите на туристичките агенции низ државата. Напротив, од периодот од 15. јули до 15. август, работниците во агенциите се со „полни раце“ работа, обидувајќи се пронајдат слободни места во хотелите во Грција.

Дел од туристички работници во разговор за „Прес24“ велат дека по избувнувањето на пожарите на Родос и Крф, имаат зголемен број на повици од страна на загрижени граѓани кои веќе направиле резервации во Грција, но уверуваат дека на дестинациите на кои патуваат македонските државјани ситуацијата била под контрола, поточно, досега не регистрирале евакуација на нивни патници од хотели.

Искуството на други работници во туристичките агенции покажува дека летово, македонските државјани ретко и да патуваат на местата каде што избувнаа пожарите. Повеќето од нив резервирале одмор на Халкидики. Досега немале откажани резервации, напротив, се правеле големи напори да се услужат сите заинтересирани.

„Секаде кај што има повеќе македонски туристи пожарите се стабилизирани и се под контрола. Искрено, само не можеме да имаме евиденција дали има туристи на критичните дестинации, каде ако евенуално има тие би биле патници кои имаат отпатувано со сопствена режија и ние немаме информации како агенции. Македонците бараат места за одмор за овој период. Значи од 15-ти јули до 15-ти август е најактуелен период и пикот на туризмот кога сите имаат одмори. Кај скоро сите агенции, се е „букирано“, изјави работник од туристичка агенција за „Прес24“.

Тројца Македонци побарале помош од македонската амбасада во Атина

Заклучно со денеска, само тројца македонски државјани ја контактирале македонската амбасада во Атина, потврдија од Министерството за надворешни работи за „Прес24“.

„Во врска со пожарите кои ја зафатија Грција, информираме дека заклучно со денешниот ден, тројца државјани на Република Северна Македонија ја контактирале нашата Амбасада во Атина. Истите се наоѓаат на безбедно место, на грчкиот остров Родос. Дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во Грција, продолжуваат да бидат во постојана комуникација со надлежните институции на Грција“, известија од МНР.

Оттаму апелираат до граѓаните да се избегнува туристичко или какво било друго патување во загрозените подрачја.

Пожарите во Грција се гаснат со копнени и воздушни сили

Од небо и од земја се гаснат пожарите на Родос и Крф, а од попладнево и во близина на градовите Ламија и Валестино во централна Грција. Превентивно, биле евакуирани и населени места.

Порпаролот на грчката пожарна, Јанис Артопиос информираше дека на пожарите на Родос и Крф од вчера имало разгорувања на одредени жаришта.

Битката со катастрофалните пожари продолжува на многу фронта и денеска сите сили на цивилната заштита функционираат под екстремни услови, со оглед на тоа дека денешниот ден е најтежок летово“, изјави портпаролот на противпожарната служба на Грција за тамошните медиуми.

Во битката со огнената стихија се вклучени пожарникари и средства од единаесет земји.

Македонија понуди помош за справување со пожарите во Грција

Пред пет денови, министерката за одбрана, Славјанка Петровска имаше телефонски разговор со својот грчки колега Никос Дендиас, на кого му понуди помош во справувањето со огнените стихии. Денеска и премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница повтори дека сме понудиле помош на нашиот сосед.

Солидарноста ја покажавме и сега, кога нашиот сосед Грција се бори со огнените јазици, на кои, исто така, им понудивме помош како што го практикувавме и претходни години кога помош беше потребна во справување со пожарите кај нашиот јужен сосед. Солидарноста живее во нас и со нас“,  изјави премиерот.

За потсетување, уште во месец мај во Армијата е дадена наредба од страна на Генералштабот за воведувања на дежурства во Касарните, но и во хеликоптерската единица, кои се подготвени во случај да има потреба, веднаш да бидат ангажирани.

На располагање се СОС телефонот на МНР 075/ 273- 732 и дежурните телефони на Амбасадата во Атина +306944743071 и Генералниот конзулат во Солун + 30 6987200410, за сите македонски државјани кои имаат потреба од помош од надлежните служби.

Габриела Лескова

26.07.2023 - 20:01
Фото: 
MARK DUELL, dailymail.co.uk

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега