Потресно сведоштво од Турција: Го слушнав пукањето на таванот, не мислев дека ќе излезам жива
Британската хуманитарна работничка Лина Сахлоул пристигна во Газијантеп, Турција, ден пред земјотресот.
Лина неколку дена подоцна требало да отпатува од Турција во Сирија, а земјотресот ја затекнал во хотелот.
Таа сега е во Истанбул, но татко ѝ сè уште е во зоната погодена од земјотресот и води добротворна организација за помош на Сирија.
Како што раскажува за Би-би-си, мислела дека тоа е тоа, дека умира, кога се случил земјотресот.
„Можев да го слушнам пукањето на таванот. Не мислев дека ќе излезам жива“, рече таа.
„Спиев кога се случи земјотресот. Ги отворив очите и видов дека сè околу мене се тресе, слушнав како пука таванот. Мислев дека ќе умрам, бев сигурна дека е готово“, изјавила таа за Би-би-си.
„За среќа, тресењето престана и ништо не падна врз мене. Го грабнав мобилниот телефон и му се јавив на татко ми. Тој ми рече дека е земјотрес и да го земам пасошот. Зедов уште неколку работи и истрчав надвор на улицата покриена со снег“, изјави Лина.
Како што вели таа, додека го напуштала градот, видела како се уриваат зградите во Газијантеп.
Таа се обидувала да најде храна, некои продавници биле отворени, но илјадници стоеле во редици.
„Успеав да стигнам до аеродромот и да се качам во авионот за Истанбул“, рече таа.
„Како да ми летна животот пред очи кога се случи земјотресот. Сакам да апелирам до сите да го поддржат и да му помогнат на народот во Сирија“, рече Лина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа