Поранешниот градоначалник на Ново Село меѓу 10 уапсени за продажба на марихуана
Поранешниот градоначалник на општина Ново Село Боро Стојчев е уапсен денеска во голема акција која ја спроведе Министерството за внатрешни работи, дознава Press24. Освен Стојчев, уапсени се уште девет луѓе за организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана.
Во официјалното соопштение од МВР се вели дека акцијата ја воделе Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги, и Единицата за недозволена трговија со дрога, позната како НТШ.
-Имено, од октомври 2023 година кога започна акцијата преземени се повеќе оперативно-тактички мерки и активности за сузбивање на групата. Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели. Приведените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик - „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”, велат од МВР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа