Поплавите во Романија однесоа шест животи, илјадници останаа без дом
Бројот на загинати во поплавите во романската област Галац достигна шест лица, јавуваат локални медиуми.
Вчера, било пронајдено тело на маж како лежи покрај патот во селото Слобозија Конаки. Водата го однела речиси шест километри. Исто така, синоќа е потврдена смртта на исчезнатиот во градот Сухурлуи. Водата се повлекла, но зад себе оставила половина метар кал, дури и внатре во куќите.
„Што е ова? Катастрофа! Видете добри луѓе! Уништени сме“, вели еден од жителите, а друг додава:
„Да сте ги слушнале животните како рикаат, не можам да ви опишам. Тоа беше крајот на светот“.
„Немаме каде да одиме, немаме каде да спиеме“, велат другите жители.
Два дена по поплавата, се открива обемот на катастрофата. Телото на исчезнатиот маж во Печеја било пронајдено дури вчера. Водата го однела шест километри.
Син ми го виде таму во грмушката. И ми вика: Тато, дојди, тука има мртовец. И кога дојдов, го најдов. Водата го носеше, имаше 40-50 години“, раскажува очевидец.
Многу луѓе од страв не сакаа да се симнат од покривите на своите куќи. Водата во некои области достигна речиси два метра. Дури и спасувачите беа во опасност, според написите.
Екипа на пожарникари во возило синоќа била зафатена од порој. Тие успеале да излезат низ прозорците и да го напуштат возилото.
Само во областа Галац оштетени се речиси 5.500 куќи, а загрозени се 20.000 луѓе.
„Голема тага. Таму е калта, а водата беше толку висока. Ништо не ми остана, сè е уништено. Мебелот е целосно уништен! Вакво нешто досега не се случило овде“, велат мештаните.
Мештаните со солзи во очите се обидуваат да спасат што можат од калта.
„Ми умре кравата. Стари сме, но куќата ни беше чиста и сува“, вели еден постар жител.
„Се превртеа плевните, имавме малку жито, сега се полни со кал“, додава тој.
„Видете, ова е катастрофа. За еден и пол де, колку што течеше водата, сè беше уништено. Креветот, немаме веќе каде да спиеме, фрижидерите, сè е уништено. Печките за греење. Ништо не ни преостанува. Сè е уништено, ние го создававме ова целиот живот“.
„Водата дојде за половина час. Во тоа време ја држевме портата за да не влезе водата посилно. Немавме каде да одиме. Ја пуштивме и побегнавме. Водата достигна 2,5 метра“, велат мештаните.
Пожарникарите вчера спасуваа и животни заробени во поројот.
Проблемите сè уште се присутни во целата област Галац.
Повеќе од 90 % од домаќинствата без струја се повторно приклучени на мрежата. Според извештаите, 35 куќи не можеле повторно да се поврзат бидејќи имало опасност од пожар и струен удар.
Речиси 400 пожарникари интервенираа во областа Васлуи. Повеќе од 100 куќи беа погодени во селото Епурени, каде што се отворија огромни дупки на улиците.
Метеоролозите издадоа предупредување за дожд за регионот, каде што врнежите ќе продолжат и во наредните денови. Црвеното метеопредупредување за поплави сè уште е во сила за неколку реки во Романија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа