Петровска: Во 2024 влегуваме со историски најголем буџет

 

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, на брифинг со уредници и новинари што следат одбрана разговараа за активностите што ја одбележаа годината што изминува, како и плановите за развој на одбраната и Армијата за 2024 година.

Во услови на нарушена безбедност на континентот, Северна Македонија е безбедна и стабилна земја, порача министерката Петровска и додаде дека континуирано се инвестира во зголемувањето на борбената готовност, во набавката на нова и модерна опрема и во развојот на човечкиот потенцијал во одбраната. Петровска информира дека буџетот за Одбраната во 2024 година ќе изнесува 2,05 % од домашниот бруто-производ и дека една третина од средствата ќе бидат наменети за модернизацијата на Армијата.

„Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05 % од домашниот бруто-производ, од кои повторно една третина ќе одвоиме за модернизација и опремување. Тоа ќе овозможи набавките на оклопните возила JLTV, оклопните возила Stryker, системите за противвоздушна одбрана Mistral 3 и артилериските орудија Boran да продолжат да пристигнуваат во согласност со договореното“, рече Петровска. Изрази очекување дека првите возила Stryker ќе пристигнат до крајот на 2024 година, а два хеликоптера, кои се во фаза на ремонт ќе се вратат во Северна Македонија во првата половина на следната година.

Во однос на човечкиот потенцијал, министерката се осврна на новиот закон за вработените во одбраната, кој се наоѓа во собраниска процедура и кој ќе овозможи раст на стандардот на вработените, кои се клучна алка во безбедносниот систем.

„По измените во Законот за служба во Армијата и многуте поволности за армиските припадници во зголемувањето на нивниот стандард, во 2024 година тоа ќе го направиме и за службениците во Одбраната со новиот закон за вработените во Министерството, кој се наоѓа во собраниска процедура. Ако пратениците од која било партија навистина сакаат да го валоризираат трудот на вработените во Одбраната, кои се одговорни, вклучително и за нивната безбедност како граѓани на оваа земја, ќе го поддржат ова законско решение, без никакви калкулации и уцени“, рече министерката.

27.12.2023 - 18:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега