Петровска: Резервните офицери се составен дел од безбедносниот систем и промотор на евроатлантските вредности

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, утрово го отвори пролетниот состанок на Средноевропската иницијатива на резервни офицери, чија полноправна членка е и Организацијата на резервни офицери на Северна Македонија.

На отворањето министерката ја истакна важноста на ставовите и размислувањата на резервните офицери имајќи ги предвид предизвиците по безбедноста на континентот.

„Реалноста на нашиот континент, колевката на човековата цивилизација се соочува со конвенционална војна, нешто што беше незамисливо пред нешто повеќе од една година. Токму оваа нова безбедносна реалност побарува сите ние, чинителите во безбедносната сфера да бидеме јасни во осудата на воената агресија на една земја врз друга независна и суверена земја, да бидеме гласни во повикот да прекинат човечките страдања и потребата да надвладее разумот“, рече Петровска.

Европа, слободна, безбедна и во мир, порача министерката, е единствената солуција која е прифатлива и затоа сите ние, низ вакви или слични формати мораме отворено да разговараме дека во 21-от век нема место за воени дејствија на стариот континент.

За организацијата на резервни офицери порача дека е клучен сегмент од безбедноста на секоја земја.

„Организацијата на резервни офицери е пример за модерно дејствување и промотор на евроатлантските вредности и современото разбирање за улогата во општеството. Токму фактот дека оваа Организација се развива и одблиску соработува со здруженијата на офицери во резерва од Европа е доказ за местото и улогата на оваа Организација во македонското општество“, рече министерката.

На отворањето се обратија и претседателот на Организацијата на резервни офицери, Гоце Гоергиев и претседателот на ГАМИНГЕР, потполковникот Филип Лео, кои ја истакнаа важноста на оваа Иницијатива во европски рамки и потребата за отворена дискусија за сите безбедносни прашања на континентот.

25.05.2023 - 10:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега