Пендаровски не ги коментира обвинувањата од Бугарија дека тој иницирал „црни списоци“

Претседателот Стево Пендаровски нема да ги коментира обвинувањата што пристигнуваат од бугарските политичари дека токму тој е иницијатор на „црните списоци“ со Бугари на кои им е забранет влез во Македонија, кусо одговорија денеска од Кабинетот на шефот на државата на прашањето на „Слободен печат“ за коментар на тие обвинувања.

Реториката на Софија во врска со Македонија наново се вжешти откако на почетокот на месецот на европратеникот Андреј Ковачев не му беше дозволено да влезе во Македонија, па европратеникот Ангел Џамбаски неделава воопшто и не дојде како член на делегацијата на Мешовитиот комитет Македонија-ЕУ во Собранието, а се усвити откако премиерот Димитар Ковачевски завчера во Рејкјавик на самитот на Советот на Европа ја обвини Бугарија дека има многу сличен поглед кон нашата земја како Русија кон Украина.

Бугарскиот европратеник Ковачев утрово изјави дека претседателот Пендаровски е иницијатор на „црните списоци“ што станало јасно во јануари „на средба на Пендаровски со службите“. На тие списоци, како што рече, 99 отсто од лицата се Бугари, а имало и европратеници. Ковачев рече и дека ако кажеш дека Гоце Делчев се дефинирал како Бугарин, нема да можеш да влезеш во Македонија.

– Бугарија категорично не се однесува со Северна Македонија како што се однесува Русија со Украина, вистината е спротивна. Човековите права се клучни за ЕУ. Во Скопје ако тврдиш дека си Бугарин е проблем. Оваа земја е кандидат за ЕУ. Го повикувам Националното собрание итно да ги усвои измените на законот за бугарско државјанство – рече Ковачев и додаде дека Историската комисија е апсолутно блокирана и не работи.

И лидерката на БСП Корнелија Нинова рече дека „Пендаровски го одобрил составувањето на црните списоци за бугарските граѓани и политичари“.

– Имаше многу неприфатливи зборови и постапки од страна на официјалните власти на РС Македонија. Времето потврди дека ние од „БСП за Бугарија“ бевме во право кога со нашите гласови не го поддржавме влезот на РСМ во ЕУ, но тоа не е доволно“ – истакна Нинова, коментирајќи ги ставовите на Пендсровски.

 

Таа се осврна на обраќањето на Пендаровски во средата на дискусијата „Руска агресија против Украина: нов импулс за проширување на ЕУ“, организирана од белградскиот Центар за безбедносна политика, каде претседателот рече дека се добредојдени европраениците како дел од делегација на ЕП, но во лично својство постои можност да им биде забранет влез во земјата. Претседателот на таа дискусија спомена дека на седницата на Советот за национална безбедност во јануари во врска со одбележувањето на годишнината за смртта на Гоце Делчев безбедносните служби изнеле проценки дека постои можност за провокации од дел од бугарските граѓани што сакаат да дојдат.

– Имавме сеопфатни информации. На некои луѓе не им беше дозволен влез во земјата. Оценуваме која личност, во која прилика, не треба да биде примена. Вакви лица кои покажуваат иредентистички ставови кон нашата држава нема да бидат примени. Не можете да се криете зад вашиот формален статус – рекол Пендаровски на дискусијата.

По јануарскиот Совет за безбедност Пендаровски предложи бугарскиот европратеник Џамбаски да биде прогласен за персона нон грата, по што тој иако најави присуство, воопшто не се појави на границата.

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е известувач за Македонија во ЕП, пак, вчера оцени дека политичката ситуација во Бугарија ги прави многу поранливи во меѓународните односи, а „Скопје профитира од оваа наша збунета политичка ситуација“.

– Единствениот начин да се излезе од магичниот круг на обвинувања е да се бараат законодавни и институционални механизми. Спротивното значи создавање списоци. Има многу нејаснотии. Ова треба да го кажеме гласно и да се обидеме да излеземе од овој маѓепсан круг на односи – рече Ќучук.

Тој оценува дека „тензијата не може да продолжи да расте“.

– Една реченица, едно интервју може да ги уништи сите добри намери. Не можеме само да одиме по патот на негативноста. Кога институционално се зборува од толку високо ниво, бугарската држава мора да реагира. Но, заедно со тоа и треба да се бара и ЕУ со европските механизми да ги гарантира високите демократски стандарди во Северна Македонија – порачува Ќучук.

19.05.2023 - 15:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа