Пандев откри што му кажале жената и децата пред натпреварот

 

Македонската фудбалска репрезентација за прв пат во својата историја обезбеди учество на едно големо натпреварување. Предводени од капитенот Горан Пандев, „црвено-жолтите“ вечерва во Тбилиси, во баражот за Европското првенство 2020, ја совладаа Грузија со 1:0.

Стрелец на победничкиот гол беше Пандев во 56. минута по одличната акција во која учествуваа и Елиф Елмас и Илија Несторовски. 

Капитенот и лидер на оваа селекција призна дека е пресреќен за пласманот на Македонија на дебитантски голем собир, а меѓу другото кажа и што неговите сопруга и деца му порачале пред тргнувањето од Италија.

„Сигурно дека сонував ваков исход, ама не мислев дека јас ќе бидам тој што ќе го реши натпреварот. Убеден бев дека оваа генерација има квалитет, има сили и како што напоменав одлична атмосфера и ќе беше жално да не се пласираме на ЕП. Само ние недостигаше да одиме на голем турнир, а еве мена на 38 години ќе ми се оствари сонот. Верував во овие момци, уште кога дојде селекторот пред пет години, разговаравме и се договоривме одредени работи. Се направи репрезентација од младост и искуство и заслужено се пласиравме на ова натпреварување.

Успехот го посветувам на мојата фамилија, тие се мојата инспирација и помош. Кога ме испратија од Италија, жената и децата ми порачаа: Тато без Европско првенство да не се враќаш. Среќни се сите, а јас сум најсреќен. Уште не верувам дека го остваривме сонот, ама за некој ден ќе разбереме што сме направиле.

Кога го дадов голот погледнав кон небото и помислив дека вербата во бог ќе те награди. Знаеме дека долги години се мачевме во фудбалот, ама сега треба сите заедно да се радуваме бидејќи тоа го заслужуваме“, изјави Пандев, пренесува Гол.мк.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.11.2020 - 23:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега