Падна договор: ММФ за Украина ќе одвои 15,6 милијарди долари
Меѓународниот монетарен фонд синоќа објави дека постигнал договор со украинската влада за план за помош вреден 15,6 милијарди долари.
Планот треба да овозможи „поддршка на постепеното економско закрепнување притоа создавање услови за долгорочен раст во контекст на постконфликтна реконструкција и на патот кон пристапување во Европската унија“, се вели во соопштението на ММФ.
„Покрај ужасната човечка загуба, руската инвазија на Украина продолжува да има разорно влијание врз економијата. БДП падна за 30 отсто во 2022 година, голем дел од индустријата беше уништена, а сиромаштијата скокна“, изјавил шефот на мисијата на ММФ во Украина, Гевин Греј, се наведува во соопштението.
Се додава дека и покрај овие тешкотии, украинската влада успеала да ја одржи финансиската и макроекономската стабилност пред се благодарение на значајната меѓународна поддршка и спроведувањето на мудра политика.
Во соопштението се цитираат и зборовите на американската министерка за финансии Џенет Јелен, која го поздравила договорот меѓу финансиската институција и Украина и додала дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат украинската влада и народ се додека е потребно против Русија.
Украина има значителна поддршка од почетокот на конфликтот на 24-ти февруари минатата година, како од Светската банка, која досега ѝ додели повеќе од 20 милијарди долари заеми или подароци, така и од САД, повеќе од 110 милијарди долари, во што е вклучена воена помош.
ММФ очекува дека Украина оваа година ќе забележи постепено и делумно економско закрепнување, пред се благодарение на одржувањето на основната инфраструктура како што е електричната мрежа, иако е цел на руски напади.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа