Орбан: Украина има потреба од мир, а не од војна

 


Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека на Украина ѝ е потребно примирје, преговори и мир, како и дека „дипломатите треба да ја преземат контролата од генералите“. На состанокот на парламентарната група „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, рече дека политичарите кои се залагаат за војна сакаат луѓето да веруваат дека војната мора да продолжи, објави унгарската агенција МТИ.

„Ве уверувам дека оваа војна не може да се добие, нема решение на бојното поле, само мртви, страдање и уништување“, истакна тој. Унгарскиот премиер, исто така, рече дека неговата земја е „црна овца“ на Европската Унија и кошмар за Брисел, додека претставува надеж за европските патриоти.

„Не сакаме Брисел да воведе воена економија под изговор на војна, не сакаме да зема огромни кредити, да ги федерализира парите на земјите-членки и да ги вовлекува нашите земји во трка во вооружување. Ве молам да ги запрете“, им рече Орбан на учесниците на состанокот.

Според него, Брисел ѝ се заканува и ја уценува Унгарија со финансиски санкции затоа што не ги пушта мигрантите во земјата, но Будимпешта попрво ќе им плати отколку да им дозволи на мигрантите да ја уништат безбедноста на унгарските градови и улици. „Се бориме за нашите семејства и татковина, дури и ако треба да се соочиме со целата бирократија на Брисел“, заклучи унгарскиот премиер, пренесува Танјуг.

10.06.2025 - 09:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега