Огромен астероид ќе мине блиску до Земјата
Астероид доволно голем да уништи цел град викендов ќе помине помеѓу орбитите на Земјата и Месечината.
Објектот наречен 2023 DZ2 е откриен пред еден месец, јавува Би-Би-Си.
Тој денеска ќе помине на оддалеченост од 515.000 километри од Месечината, а неколку часа подоцна ќе помине и покрај Земјата.
Ретко е толку голем астероид, кој се проценува дека има дијаметар од 40-90 метри, да помине толку блиску до некоја планета.
Според НАСА, ова е ретка можност за астрономите да го прошират своето знаење за астероидите, што ќе биде корисно во случај во иднина да се открие опасен објект со потенцијал да удри во Земјата.
– Нема шанси овој „убиец на градови“ да удри во Земјата, но фактот што минува толку блиску е одлична можност за набљудување, вели Ричард Моислиз од Европската вселенска агенција.
Додека поминува на растојание од само 68.000 километри, астероидот ќе биде видлив преку двогледи и мали телескопи во целиот свет. Преносот во живо ќе се емитува на страницата „The Virtual Telescope Project.“.
Овој астероид најверојатно ќе се врати во орбитата на Земјата во 2026 година, но научниците велат дека и тогаш нема да претставува закана за нашата планета.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа