Официјално: Лео Меси заминува од Барселона!
Крај на една фудбалска ера – Барселона официјално потврдија дека нема да потпишат нов договор со Лионел Меси по сериозните проблеми на денешниот состанок, во „бомба“ која ќе го потресе фудбалскиот пазар и ќе предизвика огромно влијание на плановите на врвнтие европски клубови.
Преговорите меѓу двете страни не само што наидоа на проблеми, туку целосно колабираа без можност за решение. Откако шпанските медиуми објавија за овој „распад“, Барселона и формално потврди дека нема да потпише нов договор со Аргентинецот.
Меси и така беше без договор по истекот на претходниот на 30 јуни, но досега вестите од Каталонија велеа дека се согласил на договор со 50 отсто помала плата и дека се чека Барса да ги среди финансиите за тој да биде официјализиран. Но, Барселона вели дека тоа е невозможно.
„Поради регулативите на шпанската Ла лига не може да се формализира договорот, што значи дека Лионел Меси нема да продолжи со Барселона. Двете страни изразуваат длабоко жалење дека не можат да се исполнат желбите на клубот и фудбалерот“, се вели во објавата на Барселона.
Сега, неизбежно Манчестер сити и Пари Сен-Жермен, како два финансиски најсилни клубови во Европа, повторно влегуваат во игра за потписот на Меси.
Ова е крај на историско партнерство помеѓу 34-годишниот Меси и Барселона, откако тој се пресели во Шпанија да влезе во нивната академија на 13 години во 2000. Тој си заминува од Барселона со 778 меча во сите натпреварувања, 672 постигнати голови и 305 асистенции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа