Од сите балкански лидери: Само нашиот премиер е во САД

 

Меѓу поранешните американски претседатели, лидерите на технолошки гиганти и дел од светските лидери, македонскиот премиер Христијан Мицкоски е единствен лидер од Балканот кој ќе присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува во анализата РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА. Македонската влада очекува од новата американска администрација да отворат прашања “од сериозен економски, политички и безбедносен карактер.“

„Вашингтон со поинаква оптика да гледа кон Балканот“, е идејата со која македонскиот премиер Христијан Мицкоски замина во Соединетите држави каде што присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Мицкоски ова го кажа во во последното интервју за новинската агенција Миа. Тој посочи дека има организирани неколку средби со водечки луѓе во новата администрацијаа во Вашингтон, но не соопшти детали. Претходно министерот за транспорт Александар Николовски соопшти дека македонскиот премиер е единствениот од регионот кој добил покана да присуствува на инаугурацијата.

Ни владината служба не одговори на прашањата на РСЕ за повеќе детали за агендата на премиерот во Вашингтон.

„Очекувањата се дека за време на престојот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател“, се вели во кусото владино соопштение.

Мицкоски е предвидено да се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и иден министер за трговија, потоа со Девин Нунес кој е номиниран за претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на „Trump Media & Technology Group”, и Каш Пател предложен за директор на ФБИ, како и со сенатори и конгресмени, пишува Дојче Веле повикувајќи се на владини извори.

Лутник и Нунес минатата година во јули беа во посета на Скопје. Според владиното соопштение на средбата се разговарало за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе земјава.

20.01.2025 - 11:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега