Нов Зеланд најави забрана за ТикТок на мрежата на парламентот до крајот на март
Нов Зеланд објави дека до крајот на март ќе ја забрани употребата на кинеската апликација ТикТок на уреди со пристап до мрежата на парламентот поради загриженост за сајбер безбедноста.
Главниот извршен директор на парламентарната служба на Нов Зеланд, Рафаел Гонзалес-Монтеро, изјави за „Ројтерс“ дека одлуката е донесена по совети од експерти за сајбер безбедност и дискусии во владата и со други земји.
Загриженоста се зголеми на глобално ниво поради можноста кинеската влада да пристапи до локацијата и податоците на корисниците преку Byte Dance, кинеската матична компанија на ТикТок.
Американската администрација побара оваа недела кинеските сопственици на ТикТок да се откажат од својот удел или апликацијата може да се соочи со забрана од САД.
Велика Британија вчера ја забрани апликацијата ТикТок на владините телефони.
Владините агенции во САД имаат рок до крајот на март да ја избришат апликацијата од официјалните уреди.
ТикТок соопшти дека верува дека неодамнешните забрани се засновани на, како што наведува, „фундаментални заблуди и поттикнати од поширока геополитика“, истакнувајќи дека потрошил повеќе од 1,5 милијарди долари на ригорозна заштита на податоците и отфрлање на обвинувањата за шпионирање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа