Димитриев-Чеку: Одлична соработка меѓу Македонија и Косово во одбраната и безбедноста
Заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Емил Димитриев, денеска во Косово се сретнал со министерот на Косовските безбедносни сили, Агим Чеку. На средбата се разговарало за одличната соработка помеѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста, со посебен акцент на соработката во воената едукација и образование.
На средбата, соопшти МО, било заклучено дека регионалната соработка која е од особена важност за потврдување на евроатлантската иднина на регионот во целина, е лесно препознатлива, особено кога станува збор за соработката помеѓу Косово и Република Македонија.
Во контекст на тоа, акцентот бил ставен на школувањето на питомците од Косовските безбедносни сили – припадници на етничките заедници во Косово, на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, школување кое се реализира во моментов и кое со несмалено темпо ќе продолжи и во иднина.
Од косовска страна била изразена подготвеност за соработка во контекст на понудата до Република Македонија за користење на капацитетите на Центарот за барање и спасување на Косово кој е во самиот крај на своето формирање, а е финансиран од страна на Соединетите Американски Држави.
Во текот на посетата, заменик-министерот Димитриев, заедно со заменикот на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Насер Сејдини и деканот на Воената академија, полковникот Росе Смилевски, оствари средба со заменикот-министер за Косовските безбедносни сили, Славиша Филиповиќ и со началникот на Косовските безбедносни сили, генерал-мајор Кадри Кастрати.
ФОТО: maticanaiselenici.com