Што напишаа грчките медиуми за катастрофалниот пораз на нивните ракометари?
Македонските ракометари вчера уште еднаш докажаа дека се голема пречка за грчката репрезентација која по вчерашниот пораз во Скопје дефинитивно нема да учествува на Светското ракометно првенство што ќе се одржи во 2015 во Катар.
Грчките медиуми јавувааат за поразот кој го претрпе нивниот тим (35-23), под наслови „Пораз и исклучување на националниот тим“.
Медиумите коментираат дека „сино-белите“ не можеа да го издржат притисокот на домаќините и дека играта беше дефинитивно добра лекција особено за помладите спортисти кои наредните години на својот грб ќе ја носат грчката репрезентација, пренесува МИА.
Грчките медиуми истакнуваат дека салата „Борис Трајковски“ била препоплна со навивачи и оти грчките ракометари направиле многу грешки во играта по што поразот бил неизбежен.
Медиумите го посочуваат и податокот што грчката репрезентација, по влезот во Македонија, била придружувана од две полициски патроли, хотелот во кој престојувале ракометарите бил под 24-часовен полициски назор, а тие биле придружувани од полицајци и за време на нивната утринска прошетка низ градот. За Грците е важно и тоа што нивните играчи биле обезбедувани и за време на тренингот и тоа што македонската полиција затворила две улици со цел автобусот со репрезентација побрзо да стигне до салата. Спортските магазини исто така додаваат дека во салата за време на натпреварот имало 500 полицајци и 200 припадници на обезбедување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа