Обрван: Талески е бисер и треба да се негува
Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Ивица Обрван не го криеше задоовлството по мечот со Грција. Во изјава која ја пренесува Екипа, Обрван вели дека работата е одлично завршена.
„Никогаш не е лесно да се игра против репрезентација против која си така надмоќен. Сепак, денеска покажавме за што сме способни, потврдивме дека разликата во квалитет е огромна и уште во првото полувреме создадовме огромна предност. Во вториот дел одиграавме онолку колку што беше потребно, но севкупно гледано треба да бидеме горди на овој најнов успех. Сакам да им честитам на своите ракометари за одлично одработената задача, но исто така и на луѓето од федерацијата, како и на членовите на мојот стручен штаб“ – изјави Обрван.
Селекторот на овој натпревар му даде шанса на младиот Филип Талески, кој импресионираше со неколку погодоци, но и со пожртвувана игра во одбраната.
„Доста време зборував со Талески во последните денови и му велев дека ракометот не е само шут, туку и целокупна спортска интелигенција. Ме радува што тој е многу интелигентен, знае каде да се движи и да затвори, а згора на тоа делува моќно и во нападот кога ќе се крене на скок-шут. Тој е талент, бисер што ќе треба да се негува во периодот што следи. Верувам дека пред него е блескава иднина, како на клупски така и на репрезентативен план, треба во него да се вложува, да се биде трпелив. Треба да игра и на потешки натпревари, можеби тоа некогаш нема да донесе резултат, но во Талески мора да се вложува на долгорочен план бидејќи тој тоа навистина го заслужува“ – прокоментира македонскиот селектор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа