Невработените се запознаа со начинот на вработување во Ван Хол
Во Средното стручно училиште „Илинден“ вчера се одржа обука на невработени лица што Општина Илинден ја организираше во соработка и за потребите на компанијата Ван Хол. Присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Иинден, Жика Стојановски, кој се осврна на активностите што ги презема Општината во насока на отворањето на нови работни места како еден од приоритетите на локалната самоуправа.
Обуката беше искористена претставниците на белгиската компанија за производство на автобуси да ги запознаат невработените лица со профилот на кадри што во иднина ќе им биде потребен, но и со начинот на аплицирање за вработување. Генералниот директорот на Ван Хол Македонија, Аврам Стојчевски нагласи дека при изборот на кандидатите за вработување во фабриката за автобуси, приоритет ќе имаат жителите на Општина Илинден, но дека, сепак, решавачко за изборот на кандидатот ќе бидат неговите квалификации. Затоа, како што рече тој, во своето CV секој кандидат треба детално да го наведе секое работно искуство што го имал досега, за компанијата да има увид во неговите квалификации и согласно тоа да процени дали има потреба од таков кадар.
Во рамките на добрата соработка со бизнис секторот и со државните институции, а со единствена цел да им се помогне на младите што побрзо да се вработат, Општина Илинден досега организираше повеќе обуки за невработени лица што беа реализирани со претставниците на Агенцијата за вработување, но и на „Џонсон Мети“, „Пекабеско“, Балканска млекарница „Суташ“, фабриката за работна и заштитна облека „VPTEX-Македонија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа