Груевски: На СДСМ им е поважен Црвенковски отколку Македонија
Премиерот Никола Груевски апелира до СДСМ да се изнајде решение за комисијата за настаните од 24 декември, повикувајќи ги тие да дадат предлог, за кој ќе се одлучи со разумен заеднички консензус, а се за доброто на Република Македонија. Посочи дека нерешавањето на прашањето со комисијата, како што се зборува на состаноците во Брисел, е дискутабилно за натамошните чекори и додаде дека не е решено затоа што СДСМ не сака.
- Како политичка партија направивме многу обиди да го одоброволиме СДСМ да се избере претседател на комисијата. Предложивме многу луѓе и сите беа одбиени. На крајот прифативме да биде од СДСМ, но да се одлучи со консензус. Го одбија и тоа. Потоа ја прифативме иницијативата на претседателот Иванов за претседателот на МАНУ да биде на чело на таа комисија, го одбија и тоа со некои нелогични образложенија. На крајот сфативме дека во оваа партија им е многу поважно што и како ќе се случува околу конгресот и Бранко Црвенковски, односно многу поважен им е Бранко Црвенковски отколку Република Македонија, изјави премиерот Груевски денеска одговорајќи на новинарски прашања по присуството на традиционалниот деловен појадок со бизнис заедницата.
Според него, ова не е во прилог на Македонија. - Навистина е жалосно што е така, бидејќи ова што тие го прават им оди во прилог на оние кои сакаат Макеоднија да добива ниски оценки, да не добие датум за преговори во јуни, да биде на тапет, да добива негативни оценки. Директно им помагаат, им даваат материјал да можат да ја напаѓаат Република Македонија и веќе тоа го направија. Значи, на состаноците во Брисел на големо се дискутира дека сите натамошни чекори се проблематични и дискутабилни од причина што не е решено прашањето со претседател на оваа комисија, а не е решено зашто СДСМ не сака да реши, истакна премиерот Груевски