Европскиот Куп на 10.000 метри во Скопје

 

Осумнаесетиот Европски куп на 10.000 метри ќе се одржи на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

На манифестацијата учество ќе земат 90 натпреварувачи од 23 различни земји. 

Со детаљите излезе Агенцијата за млади и спорт, која на прес-конференцијата истакна дека ова ќе биде одлична можност за европска промоција на новата атлетска патека на најголемиот македонски стадион по неговото реновирање. 

- Во изминатите десетина години Владата презема значителни инвестиции во делот на изградба на капитални инфраструктурни обејекти за спорт, а за атлетскиот спорт најзначајна е изградбата на арената „Филип Втори Македонски“, со што се обезбедија услови нашата земја да може да организира едно големо европско натпреварување. Искрено се радувам за бројноста на спортските настани одржани во нашата држава, овој период. Европскиот куп на 10.000 метри е уште една потврда дека Македонија може да се носи рамо до рамо, организациски со европските земји, изјави Марјан Спасески, директор на Агенцијата за млади и спорт.

Повик за што поголемо присуство на трибините до македонските љубители на атлетиката упати првиот човек на овој спорт Крсте Серафимовски.

- Националната арена „Филип Втори“ ќе биде местото на кое ќе се натпреваруваат 90 учесници на 10 000 метри. Во зависност од досегашните лични резултати, натпреварувачите ќе се натпреваруваат во вкупно 4 трки – 2 машки и 2 женски. Ќе има и македонски спортисти и во двете конкуренции, Кокан Ајдински и Росица Костова, па така, ги поканувам сите заинтересирани да дојдат и да ги бодрат своите фаворите, а воедно и да уживаат во целата манифестација, рече Серафимовски, претседател на Атлетската федерација на Македонија.

Организаторот на Европскиот куп доби поддршка од претставниците од Европската атлетска федерација Мунир Јараш делегат на ЕАФ и Габриел Амброзич технички делегат на натпреварувањето, кои на прес-конференцијата го искажаа своето задоволството од напорите кои Македонија ги вложува за популаризација на атлетиката во државата.

За најдобрите атлетичари во две категории, екипно и поединечно, обезбедени се медали. Манифестација започнува во 17 часот а влезот ќе биде бесплатен.

Програма:

Сабота, 07 Јуни

17:00 Старт Жени група Б

17:45 Свечено отварање на натпреварот

18:00 Старт Мажи група Б

18:45 Старт Жени група А

19:15 Старт Мажи група А

20:10 Доделување на награди

05.06.2014 - 16:41
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега