Стоилов: Со јужниот сосед максимално сериозно
Македонската репрезентација со полна пареа се подготвува за квалификацискиот двомеч против Грција. Работите се одвиваат според прeдвидениот план, се со цел максимално подготвени да го дочекаме првиот натпревар против Грција, кој што ќе се игра во Атина.
Репрезентативецот на Македонија и ракометар на Вардар Стојанче Стоилов , кој поради повредата здобиена на натпреварот против Хамбург ги пропушти последните два месеци од регуларниот дел од сезоната, е задоволен од тоа како течат подготовките и верува дека Македонија ќе биде дел од претстојниот ракометен Мундијал во Катар.
“Иако ние сме големи фаворити против нашиот јужен сосед, овој репрезентативен собир е сфатен многу сериозно. Се работи максимално ангажирано, фокусирани сме на тоа што не очекува во Атина и мислам дека сме на добар пат да го постигнеме тоа што од нас го очекува целата македонска јавност. Од тоа што можам да го видам на тренинзите и мотивираноста на моите колеги од репрезентацијата, убеден сум дека нема да има поголем проблем да се пласираме на СП што следната година ќе се одржи во Катар”.
Стоилов смета дека со доведувањето на Арпад Штербик на голманската позиција на Вардар за следната сезона, “црвено-црниот” тим добива едно моќно голманско трио, составено од Ангелов, Милиќ и Штербик.
“За Штербик нема потреба многу да се зборува. Тој е еден од најдобрите голмани на денешницава и сигурно дека со ангажманот Вардар добива уште повеќе на квалитет за следната сезона. Тука се Ангелов и Милиќ кои одиграа одлично и имаа големи заслуги за успешната сезона на нашиот тим на меѓународна сцена, така што мислам дека ќе имаме ‘страшно’ голманско трио за следната натпреварувачка сезона” – изјави Стоилов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа